Со повлекувањето на Раул Кастро од најмоќната позиција во земјата завршува ерата на владеење на семејството Кастро, која траеше речиси 60 години.
„Мигел Дијаз-Канел Бермудез е избран за прв секретар на Централниот комитет на Комунистичката партија на Куба на осмиот Конгрес на партијата“, соопшти партијата преку Твитер на крајот од изборите.
Шеесетгодишниот Дијаз-Канел го наследи Раул Кастро на претседателската функција во 2018 година и се очекуваше тој да биде номиниран за лидер на партијата.
Тој го потенцираше континуитетот откако стана претседател и според аналитичарите не се очекува да ја изведе Куба од еднопартискиот социјалистички систем.
– Диаз-Канел не е плод на импровизација, туку на внимателен избор на млад револуционер, кој има се што е потребно за да напредува на повисоките позиции, рече Раул Кастро во својот воведен говор на партискиот конгрес во петокот.
Воената униформа на Кастро беше во контраст со цивилната облека на неговиот избран наследник.
Стотици делегати се собраа на најважниот партиски состанок во Хавана, што се одржува на секои пет години, и на кој се утврдува насоката на политиката и се избира ново раководство.
Раул Кастро на претходниот конгрес во 2016 година рече дека тоа ќе биде последниот конгрес со кој ќе претседава таканаречената историска генерација која се бореше во Сиера Маестра за соборување на диктаторот Фулгенсио Батиста, поддржуван од САД.
Comments are closed for this post.