Со завршни зборови на одбраната денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да продолжи судењето за предметот „Трезор”, кое се однесува на злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.
Во „Трезор” првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски. Тројца се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Тони Јакимовски за помагање.
Во завршен збор, Обвинителството, рече дека наместо МВР да направи директна набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од фирмата ГАМА од Велика Британија, како најекономичен начин, тие договориле набавката да се изврши преку друга фирма – посредник Финзи ДООЕЛ Скопје со што успеале да злоупотребат средства од Буџетот на државата.
Обвинителот Трајче Пеливанов, нагласи дека биле склучени уште два анекси на договорот со Финзи при што разликата за набавната и продажната цена изнесувала 26.568.276 денари, штета нанесена на Буџетот на државата, а покрај тоа, за како што рече, со измислување на наводна потреба за непречено и успешно функционирање на опремата склучен бил и договор помеѓу МВР и Финзи за да се продолжи одржувањето на опремата и за нејзино надградување со намера да се оштети Буџетот и за Финзи да се прибави имотна корист од 21.422.500 денари.
Обвинетите, според Обвинителството, делата ги сториле од лукративен карактер и предложи на Судот да ги прогласи за виновни и осуди согласно законот за кривичните дела кои им се ставаат на товар, како и да го примени институтот конфискација на имот и имотна корист.
– Како имотна корист прибавена со кривично дело за правното лице ДТУ „Финзи” ДООЕЛ од Скопје, избришано од Централен регистар на 18.02.2011, а кој конфискација да се изврши на парични средства од денарска сметка во Охридска банка во вредносг од 838.106 денари и девизна банкарска сметка 145. 619 евра, како и конфискација на ПМВ Ауди А4 со проценета вредност од 1.026.285 денари, побара обвинителот Артан Ајро.
Покрај ова побарување, обвинителството од Судот побара обвинетиот Сашо Мијалков да го задолжи да надомести износ од 11 милиони денари, Горан Грујоски 11 милиони денари, Нејбојша Станковиќ 6 милиони денари и обвинетито Тони Јакимовски 7 милиони денари.
Одбраната во случајот „Трезор” смета дека нејзините клиенти не го сториле кривичното дело што им се става во товар и оти единствен доказ е дека нема доказ дека обвинетите го сториле кривичното дело.
Адвокатот Љупчо Шврговски, во изјава пред новинарите по завршните збори на Обвинителството, рече дека од самите докази кои ги презентирал јавниот обвинител, а ги обезбедил преку меѓународна правна помош од британските авторитети, можело да се заклучи единствено дека ниту Сашо Мијалков ниту преостанатите обвинети не оствариле средба, ниту пак договориле каква било набавка на опрема која што е предмет на обвинението.
Според Шврговски, во однос на тврдењето на јавниот обвинител дека Сашо Мијалков усно му наложил на Ѓоко Поповски, тогашен помошен министер за внатрешни работи, одговорен во секторот за финансии, да ја изврши оваа набавка, односно да ја спроведе постапката по однос на оваа набавка, јавниот обвинител презентирал ноторна невистина.
Во делот пак на штетната последица која обивнителот ја опиша дека изнесува некаде околу 48 милиони денари, адвокатот Шврговски посочи дека јавниот обвинител не достави материјален доказ.
– Тој материјален доказ се однесува на изготвено вештачење од областа на економско финансиската наука, вештина и знаење за коешто е потребно стручно мислење и експертиза од вештак од таа област. Јавниот обвинител ги нема тие знаења и познавања и тие вештини и во никој случај сам не може да конструира штета која што им ја става на терет на обвинетите, рече Шврговски.
Случајот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапник на обвинението е ОЈО за организиран криминал, кое го презема предметот од поранешното СЈО.
Comments are closed for this post.