Во најцрното сценарио, кое, се надевам, нема да се оствари, во постисторијата на Македонија, ги нема одредниците за Македонија, македонскиот јазик, и македонскиот идентитет.
На ова, меѓу другото, предупредува претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, во авторски текст за викенд-изданието на „Нова Македонија“ насловен како „Постисторијата на Македонија во четири чекори“. Четирите чекори, што академик Коцарев ги споменува, се Договорот од Преспа, новиот концепт во образованието, отстранувањето на придавката „македонска“ од Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата и конечно, случувањата и планираните реформи на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.
Иако сите наведени четири чекори имаат своја димензија и значење, во целост го пренесуваме првиот, во кој академик Коцарев пишува за Спогодбата од Преспа:
Прв чекор: Спогодбата од Преспа.
За оваа тема пишував неодамна. Тука сакам да прозборам за преводот на членот 36 од Спогодбата. На англиски јазик, членот гласи:„the nationality of the Second Party shall be Macedonian/citizen of the Republic of North Macedonia, as it will be registered in all travel documents“, додека преводот на македонски јазик гласи:„Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи“.
Категоријата „државјанство“ се изведува од терминот граѓанин, на англиски јазик: citizenship и citizen. Така, во англиската верзија, членото 36 јасно разликува две категории:„националност“ и „државјанство“ (или граѓанин, жител). Уште повеќе, во англискиот член кај националност е наведен зборот „македонска“, а кај државјанство синтагмата „граѓанин на Република Северна Македонија“. Оттука, може да се констатира дека македонскиот превод нотира само една категорија. Во него е испуштена категоријата националност, а зачувана е само категоријата државјанство (граѓанин).
Би сакал да напоменам дека термините националност и државјанство не се синоними и имаат различни значења. Интересно е да се спомене дека во членот 15 (1 и 2) од Универзалната декларација за правата на човекот на Обединетите нации стои:„секој има право на националност“ и „никој не смее самоволно да биде лишен од својата националност, ниту од правото да ја промени националноста“. Исто така, Универзалната декларација за правата на човекон на Обединетите нации во ниеден член не го спомнува терминот државјанство. Кои се мотивите, уште повеќе кои се последиците од тоа што терминот nationality во Спогодбата е преведен со државјанство, а не со националност?
Ако за некои мислители не се спорни македонскиот идентитет и македонската етничка припадност, дали Спогодбата од Преспа (веќе) доведе до истребување, лишување на македонската националност? Дали со Спогодбата е доведен во прашање суверенитетот на нашата држава? Ова се само мал дел од прашањата за кои што МАНУ треба и мора да понуди научна и аргументирана нализа, пишува академик Коцарев.
Comments are closed for this post.