Граѓанската еколошка иницијатива „Охрид SOS”, денеска, до институциите поднесе Иницијатива за прогласување на ресторанот „Парк”, кој се наоѓа на брегот на Охридското Езеро, за споменик на културата.
Иницијативата, според појаснувањето од „Охрид SOS”, е покрената како резултат на инертноста на македонските институции да се стават во одбрана на културните и природните особености на Охридскиот регион, а поттикната од неодамна објавениот план за уривање на објектот и изградба на нов објект на истото место.
Планот за рушење и изградба на нов комерцијален објект со неколкукратно поголем габарит од постојниот, доаѓа во време кога Охридскиот регион е на праг да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност, токму како резултат на несоодветната и агресивна урбанизација на крајбрежјето, се посочува во Иницијативата и се бара итна привремена заштита на објектот се до негово прогласување за споменик на културата.
Истовремено како препорака е понудено државата односно Владата да го откупи објектот од моменталните сопственици и после негова конзервација, да го пренамени во Музеј на Охридското Езеро и Студенчишко Блато како споменици на природата и Рамсар центар за посетители.
Ресторанот со дискотека „Парк” е наградувано архитектонско дело на охриѓанецот Павел Балабанов, обмислено ненаметливо да се вклопи во просторот, а истовремено да понуди високи уметнички и практични решенија.
Иницијативата е доставена до Управата за заштита на културното наследство и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, Националната канцеларија за УНЕСКО, Министерството за култура, Канцеларијата на претседателот на Владата и Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Comments are closed for this post.