Бројот на заразени од пандемијата со коронавирусот секојдневно е во пораст, но и покрај ваквите статистички параметри, државните институции не ја почитуваат одлуката на Владата за организација на работните процеси со цел обезбедување работни услови во кои ќе биде заштитено здравјето на вработените, соопшти Здружението за заштита на правата на работниците (ЗЗПР).
Здружението тоа го заклучило врз основа на зголемен број пријави од вработени во државната управа за несоодветни услови за работи, групирање во мал работен простор и необезбедување заштитна опрема.
-Сите овие услови се спротивни на препораките за заштита на здравјето и спречување на понатамошно ширење на вирусот. Информациите говорат дека секојдневно расте бројот на позитивни случаи во државната управа. Ова се должи не грубото непостапување согласно со здравствените прописи од страна на носителите на јавни функции, наведува Здружението.
Ги повикува сите носители на јавни функции, именувани и избрани директори итно да преземат мерки за заштита на здравјето на вработените во организациите/институциите со кои раководат, потсетувајќи дека непостапувањето по оваа одлука на Владата е свесно загрозување на здравјето на граѓаните и кршење на законите, здравствените прописи и протоколи и тоа повлекува материјална и кривична одговорност.
– Ги повикуваме сите вработени преку синдикалните организации, но и индивидуално, да ги искористат механизмите кои се ставени на располагање во насока на обезбедување на нивните здравствени и работничи права. Апелираме до Инспекцискиот совет, односно до Државниот пазарен инспекторат, да излезе на терен и да утврди кршење на здравствените прописи и одлуки и да донесе соодветни мерки со кои ќе се санкционираат функционерите кои постапуваат спротивно на здравствените прописи, а министерот Венко Филипче да формира работна комисија која во соработка со инспекторатот ќе ја контролира работата на државните институции и почитувањето на препораките и одлуките, наведува Здружението за заштита на работничките права
Comments are closed for this post.