По порастот од над илјада новозаболени од Ковид-19, вчера Министерството за здравство регистрираше 541 нов случај на корона вирусот од направени 2.789 тестирања. Повеќе од половина од новодијагностицираните случаи се во Скопје. Починаа 19 лица на возраст од 55 до 89 години.
Зголемениот број на нови случаи од Ковид-19 го зголеми и бројот на пациенти со компликации кои се хоспитализираат. Така, во изминатите 24 часа во Скопје беа хоспитализирани 55 пациенти, а вкупно 428 сомнителни и потврдени лица се лекуваат на инфективните оддели. На ниво на држава, вкупната бројка на хоспитализирани е 1015 лица. Има околу 350 слободни кревети.
Поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, отворени се и ковид центрите на Клиниката на нефрологија, Клиниката за Гастроентерохепатологија, Клиниката за Очни болести и ковид центарот на Клиниката за уво нос и грло.
– Во текот на денот се прават исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, наведува Министерството за здравство.
Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани лица во државата од почетокот на епидемијата изнесува 112.646. Бројката на оздравени е 97.687, на починати 3.319, а на активни случаи 11.640. Досега се направени 566.183 тестирања.
Comments are closed for this post.