Дваесет спроти осумдесет е процентуалната застапеност на медиумски содржини што опфаќаат спортски натпреварувања во женски категории кај нас, покажува анализата на МИА, која опфати неколку федерации, телевизии и спортски веб-портали. Ги има на терен, но не и на телевизија, за нив може да се слушне малку, и тоа најчесто само на спортските веб-портали. Изворите велат, за публика треба успех, а законот е тој, принципот на правичност во медиумите е секому подеднакво да му се даде шанса да биде презентиран во јавната сфера.
Макотрпни тренинзи во незадоволителни услови, малку финансии и уште помалку поддршка. Со ваков предизвик се соочуваат спортистките од нашето поднебје, решени да се изборат за својот сон. Пожртвувана работа, континуитет и посветеност, а згора на сѐ, скудна медиумска покриеност.
МИА дојде до информации од три федерации од најголемите тимски спортови кај нас, од кои доби одговор дека во женските категории до телевизиите доспеваат само некои репрезентативни натпреварувања, и тоа се случува ретко.
Од Кошаркарска федерација на Македонија велат дека се трудат да ги информираат медиумите и не се воопшто задоволни од фидбекот кој го добиваат од истите.
Воопшто не се третирани, дури не се објавуваат ниту оние резултати од натпреварите. Не сме задоволни, тоа е генерална оцена за моменталниот статус кој го ужива женскиот сегмент од кошарката, велат од КФСМ.
Оттаму дополнуваат дека ако гледаме од спортски аспект, не е толку атрактивно, меѓутоа, ако зборуваме на сѐ повеќе нагласената родова застапеност, не само кај нас, туку во европски и светски рамки, се надеваме дека барем ќе го покачиме тој процент да биде задоволителен, односно да биде повеќе од 50 проценти застапеност и на женскиот сегмент.
Од Фудбалската федерација на Македонија велат дека покриеноста е задоволувачка единствено за натпреварите на А репрезентацијата на Македонија, и тоа се однесува само на спортските веб-портали.
Телевизиите и печатените изданија на весниците речиси и да не го третираат женскиот фудбал. Исклучоци постојат, односно, медиумски се покриваат активностите на репрезентацијата и на останатите веб портали, единствено кога репрезентацијата ќе постигне позитивен резултат или ќе доживее непријатен пораз, велат од ФФМ.
Недоволната покриеност, како што велат од ФФМ, веројатно се должи на перцепцијата која постои за женскиот фудбал, а исто така, важна улога има и квалитетот на натпреварите.
Од Ракометна федерација на Македонија се задоволни од покриеноста, меѓутоа, тоа повторно се однесува само на спортските веб-портали.
Задоволни сме од покриеноста бидејќи сите овие натпревари кои што се играат во женските категории, медиумите, по завршувањето на истите, ги објавуваат на своите веб-портали, како што се Гол.мк, 24 Ракомет, Екипа, велат од РФМ.
Оттаму дополнуваат дека се обидуваат да ги прикажат во јавноста натпреварите од женската лига, дека се играло, дека има интерес и девојките се натпреваруваат.
За неколку минути во етер на телевизија, потребен е неколкукратен успех
Во однос на процентуалната застапеност, како и искуствата од продуцирањето на медиумски содржини кои опфаќаат жени и спорт, МИА се обрати и до телевизиите. На истиот сооднос наидовме и тука.
Горан Стерјов од Македонската Радио Телевизија, вели дека женските категории најчесто се застапени преку информативни прилози и резултати во домашните првенства, најчесто во екипните спортови.
За покриеноста вели дека е мала, најмногу поради малата заинтересираност на гледачите. – Да, покриеноста е недоволна, но причината е јасна, помалиот квалитет на женскиот во однос на машкиот спорт, што не е само случај со македонскиот туку и со меѓународниот спорт. А, и тоа што се емитува е поради определбата на МРТ за промоција на македонскиот спорт, во случајов и женскиот, вели Стерјов.
Стево Костовски од Телевизија Телма вели дека во спортските вести, женските категории се застапени со информации од скијање, ракомет, избори на спортистки.
Телевизиска продукција од спортски натпреварувања во женски категории во нашата држава нема. Освен натпревари на репрезентации, што се покриваат неколку пати годишно, застапеноста на домашните спортови од фудбалот, кошарката, ракометот, како и индивидуални спортови се на маргините. По некој прилог на локална телевизија, зависно интересот за одреден клуб или индивидуа. Околу причините, потребна е дискусија на неколку теми, квалитет, интерес на публика, традиција, посочува Костовски.
За праксата во Телевизија 24 Вести дознавме од новинарот Владко Арсов, кој со МИА сподели дека покриваат минимална количина од спортовите во женска конкуренција кај нас. И тој смета дека има недоволно покриеност на натпреварувањата во женски категории и вели дека причините се објективни.
Прва причина и пред сѐ е успешноста на македонските спортистки, клубови и репрезентации во женска конкуренција. Тоа е рецепт за интерес од јавноста и воопшто, не само кај жените. Ако има успех – има публика, вели Арсов.
Тој заклучува дека успехот носи интерес, популарност и медиумска покриеност.
Од клубовите и спортистките на ова би рекле, покривајте нѐ повеќе за да привлечеме публицитет, интерес од јавноста, финансии, но, за жал, тоа е обратен редослед на нештата во оваа поставеност на општеството, вели Арсов.
Зоран Цветановски од Канал 5 Телевизија признава дека, за жал, женските категории се во подредена ситуација во однос на машките при известувањето.
Во моментов, во ниту еден спорт кај нас нема значаен резултат, а тоа сериозно влијае на интересот на медиумот околу покривањето на настаните. За жал, спортистките се најмалку виновни за тоа, туку непостоењето на систем на работа што ќе „вади“ квалитетни спортистки кои ќе го свртат вниманието на себе, вели Цветановски.
Искуствата на Телевизија Алфа со МИА ги сподели новинарот Перо Момировски кој без дилема, посочи дека женските категории се недоволно застапени во нашите медиуми.
Женските категории со сите сегменти (лиги, индивидуални, колективни, домашни и меѓународни) без дилема се недоволно застапени или покриени во нашите медиуми. Но, причината не е во некаков анимозитет или некаква (родова) определба на медиумите, редакциите или новинарите, туку, во очајниот квалитет на тој дел од областа спорт кај нас. Впрочем, кога има резултати и настани тие, секако, се на врвот на дневната информациска агенда иако, за жал, тоа стана раритетно, сподели Момировски.
Игор Трпески од Телевизија Сител вели дека во принцип ги покриваат сите репрезентативни натпреварувања, поретко домашните првенства со исклучок на Куп натпревари и Шампионат.
Скромниот квалитет на натпреварување, и речиси незадоволителниот број на настапи на меѓународна сцена, се причина за недоволната покриеност, вели Трпески за МИА.
Порталите издвојуваат повеќе содржини за жените во спортот, но, и тие, истите најчесто ги темелат на успех
Искуствата за известување за натпреварувања во женски категории со МИА ги споделија и неколку спортски веб-портали. Кај истите е забележан малку поголем процент на застапеност на овие содржини, но, сепак во секој случај помалку во однос на машките и се должи повторно, најчесто на успехот.
Од редакцијата на Екипа за МИА велат дека резултатите, успехот и значењето за општеството, согласно и традициите препознатливи за нашата земја, се основните начела врз основа на која се темели покриеноста на спортовите.
Покриеноста на женските категории повторно зависи од активноста и значењето на спортските колективи. Светот на спортот не веруваме дека се темели на полова поделба, но единствено на успех и неуспех, велат од Екипа.
Од порталот Спортски.мк потврдуваат дека и кај нив процентуалната застапеност е 20/80 и сметаат дека истата се должи на послабите резултати на меѓународна сцена.
Послаба информираност од страна на клубовите и репрезентациите и послабите резулати на меѓународна сцена. Недоволно достапни информации од страна на македонските екипи и неубедливите настапи на меѓународните натпревари, ги издвојуваат како причини од Спортски.мк.
Од 24 фудбал велат дека ги покриваат настапите на македонската женска репрезентација и некои интернационалки кои настапуваат успешно во странство, како Наташа Андонова, а бидејќи се фудбалски портал, застапеноста на женскиот спорт во однос на машкиот, според нив, е многу мала.
Не мислиме дека родот е причина за покриеноста или непокриеноста на спортот. Секоја квалитетна женска екипа или индивидуална спортистка добива ист третман како и машката. Пример е ЖРК Вардар во поблиското минато, ЖРК Кометал Ѓорче Петров во подалечното минато и женската ракометна репрезентација, велат од 24 Фудбал.
Оттаму заклучуваат дека квалитетот и успесите се тие кои диктираат што се пишува во спортските медиуми.
Секому подеднакво да му се даде шанса да биде презентиран во јавната сфера
Со Александра Теменугова, од Институтот за комуникациски студии, во насока на оваа тема, разговаравме околу основните функции на медиумот како средство за масовно информирање, при што таа нѐ потсети дека тоа се информативна, едукативна и рекреативна функција.
Во однос на прашањето дали информативната и едукативната функција на медиумот превагнуваат во однос на квалитетот на информацијата, во насока дали е доволно публиката да се едуцира дека некоја појава постои во општеството, без разлика колку е таа атрактивна и успешна, одговорот што го добивме беше дека медиумите се должни подеднакво да пренесуваат и понудат плурализам на мислења, настани, учесници во сите сфери на општеството и таа рефлексија треба да се однесува не само на медиумските содржини што тие ги објавуваат, меѓутоа, многу е важно и кој ги прави тие содржини.
Теменугова посочи дека сето ова е уредно законски определено, меѓутоа реалноста е малку поинаква.
Супер е тоа на хартија, меѓутоа реалноста е малку поинаква, особено во однос на ова прашање за спортот. Медиумското известување, за жал, не ја рефлектира реалната родова структура во земјава. Кога станува збор за спорот, едноставно е јасно, не треба некои посебни истражувања да се прават, меѓутоа, првата слика, за жал е дека доминираат мажите. Доволно е само да ги погледнеме вестите за номинација на спортисти на годината за да видиме дали доминираат мажите или жените во спортот, вели Теменугова.
Таа посочи дека ова прашање не е само во Македонија, и препорача дека треба да почне да се спроведува она што е напишано на хартија.
Ако улогата на медиумот е соодветно да ја пренесува објективноста, случувањата, по сите основи, тоа треба да се рефлектира и во спортот, не е никаков исклучок. Не треба да се прави разлика без разлика дали е политика, култура, емисија од информативен карактер. Тука е клучот и новинарите треба повторно да се вратат на лекцијата број еден во новинарските школи, дека, треба да информираат за секого подеднакво, заклучи Теменугова.
Дополни дека е трагично, што сто години по 1920 година, кога на жените за прв пат им било дозволено да возат велосипед, што е еден од симболите на еманципација на жената, особено во спортот, ние, во услови на високо развиена цивилизација, сѐ уште дискутираме за теми кои биле важечки од пред еден век.
Асиметричното прикажување во медиумите ги засилува родовите стереотипи
Според мониторинг анализата на „Родово балансирано известување во медиумите“ на Женската граѓанска иницијатива „Антико“, родово асиметричното прикажување во медиумите, оди во прилог на мажите, ги засилува родовите стереотипи (несвесно), ја поддржува и поттикнува дискриминацијата на родова основа во општеството. Ваквата слика во државата, во голема мерка се поклопува со глобалната ситуација на родовиот (дис)баланс во медиумското известување во светот.
Од „ТАКТ“, невладина организација која го користи спортот како алатка за зајакнување на девојчињата и унапредување на правата на жените, велат дека медиумската покриеност на натпреварите од женските категории е на незадоволително ниво. И оттаму велат дека од искуство и перцепција, слободно можат да кажат дека односот во проценти е 20/80.
Наједноставно искуство за медиумската застапеност на женските натпреварување се весникот и вестите. Ако купиме еден спортски весник веднаш можеме да го видиме процентот на медумската застапеност меѓу машки и женски натпреварувања. Ако весникот има 20 страници, минимум 18 страници се за машки натпреварувања. Слична е и ситуацијата со спортските вести. Додека, интернет порталите мислиме дека даваат поголема медиумска кампања за женските спортски натпреварувања, посочуваат оттаму.
Дополнуваат дека медиумите треба да дадат поголем простор и да ги промовираат натпреварувањата во женските категории.
Во последната Анализата на родот во телевизиските програми на АВМУ за 2017 година, спортските вести биле анализирани од аспект на терминологијата која се користи при прикажувањето на машките и женските спортови, како и бројот на прилози кои се однесуваат на истите. Со што, општиот наод вели, она што може да се забележи од анализата на родовите прашања таа година е минималното присуство на теми кои можат да бидат третирани од родов аспект, а уште повеќе минималниот процент на користење родово сензитивен и родово афирмативен пристап во поглед на еднаквоста на мажите и жените во овие прилози.
Моќта на медиумите да влијаат врз градењето на јавното мнение е колосална. Токму оваа неминовно неумолива моќ наложува поголема одговорност за начинот на кои овие теми се третираат и начинот на портретирање на мажите и жените, како и нивно вклучување во јавниот живот, во секоја сфера од општественото битисување. Медиумите треба да ја искористат оваа улога со која би потпомогнале во афирмирање на родовата еднаквост во содржините и програмските концепти, со цел воведувањето на родова перспектива во сите области и нивоа на медиумско делување во согласност со почитувањето на законски акти.
Comments are closed for this post.