Екс-премиерот и лидер на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, во својот најнов акциски план за надминување на недоразбирањата со соседна Бугарија, што многумина го протолкуваа и како негова најнова историска лекција, меѓу другото предложи и менување на стратегија на Заедничката историка комисија.
Во неговиот акциски план ова претставува четврта точка, а во нејзиниот, ако може така да се каже, четврти став стои:
-Да се направи нова специјална комисија, која ќе работи под најбрза постапка за прогонот и убиствата на Македонци со бугарска национална свест. Според бугарски извори 30.000 убиени и 120.000 малтретирани. Лично сметам дека тука некој лошо ја подводи бугарската јавност. Но, и 1.200 да се демократија треба да објави на виделина.
И во овие само пет реда можат да се забележат моменти во кои е тој апсолутно во право и конзистентен во ставовивите изнесени во неговото интервју за бугарската генција БГНЕС за време на неговиот престој во Софија пред четири месеци, кога беше во акција да го спречи ветото на Софија за официјалниот почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Но, истовремено можат да се видат и идентитетски подметнувања и, што е можеби најстрашно, обиди за поставување нов историски наратив околу клучното прашање поврзано со јануарските настани на скопското Кале во 1945 година.
Кога се говори за неговата конзистентност во случајов, таа се поврзува со висината на изнесените бројки од бугарска страна, како и мислењето дека некој лошо ја подводи бугарската јавност. И до тука, би се рекло, е се во ред.
Проблемите, пак, произлегуваат од неговиот термин-Македонци со бугарска национална свест. Досегашната пракса покажува дека воспоставен термин е македонски Бугари и токму македонските Бугари како такви бараат да се попишат и на претстојниот попис, а официјална Софија застана во одбрана на нивните, наводно, загрозени човекови права и слободи, а претседателот Румен Радев се закани со испраќање не бугарските безбедносни служби во нивна заштита.
Единствено оправдување за Георгиевски би било ако не мисли дека воопшто постојат Македонци со македонска национална свест и сите во Република Македонија треба и мора да се чувствуваат како Македонци со бугарска национална свест. Значи, не само до 1944 година и непосредно по неа, туку и ден денес.
И ако се тргне од позициите на Георгиевски ќе се стигне до суштинското прашање- кој за време на јануарските настани на скопското Кале ја подигнал паролота- „Сакаме на Солун, нејќеме на Срем!“. Дали тоа биле Македонците со бугарска национална свест или Македонците со македонска национална свест? Или, ако се тргне од чисто идеолошка припадност, дали тоа биле партизани на кои им биле поблиски идеите за ВМРО и за обединета Македонија или, пак, на партизаните „србо-комунисти“, кои се спротивставиле на тоа со образложение дека така ќе се замерат со Големите сили, сојузнички за време на Втората светска војна?
А, само за потсетување, според официјалните податоци, само 17 отсто од партизаните биле членови на Комунистичката партија, што значи дека огромното мнозинство не биле членови на партијата. Оттука и прашањата дали на целото тоа огромно мнозинство му била поблиска идеата за обединета Македонија, дали како такво може да се поврзе со идеата на ВМРО и дали со тоа по автоматизам тие биле Македонци со бугарска национална свест, како што ги именува Георгиевски, или македонски Бугари, како што ги именува воспоставената пракса?
Наместо придонес за развој на демократијата и подобрување на меѓудржавните односи, Георгиевски очигледно повеќе отвора нови дилеми. Зашто, со почетокот на плурализмот македонската историографија ги отвори црните петна од комунистичката историја, особено за масовните убиства. И кога станува збор за настаните на Кале е утврдено дека таму не е извршено ниту едно убиство! А, тоа е потврдено и со последните ископувања, извршени под директен надзор на една странска амбасада.
На фонот на настаните од Кале, пак, се извршени масовни убиства во Велешко и Куманово, како и неколку души во штипската касарна. Но, нивната бројка ни од далеку не е 1.200 лица. Гревот на македонските комунисти е што не сакаат да ја откријата масовната гробница во Куманово, иако приближно се знае нејзината локација кај некогашниот сточен пазар во градот.
Ако се говори, пак, за прогонот на идеолошките неистомисленици веднаш по војната, досиејата на некогашната тајна полиција покажуваат дека основните линии на работа биле ванчомихајловизмот и припадноста на ВМРО. Но, тоа апсолутно не значи дека по автоматизам се работи за македонски Бугари или за Македонци со бугарска национална свест. Зашто, во сите полициски досиеја стои терминот Македонец.
Еве, и да се остави можност за манипулации по етничка основа на некогашната тајна полиција, зашто досиејата биле обновувани, тогаш сето тоа може лесно да се провери во судските досиеја и во партиската архива на КПМ/СКЈ ако како таква се уште постои.
Конечно, во пресметката со идеолошките неистомисленици не треба да се заборави реакцијата, Резолуцијата на ИБ, процесот на национализација, колективизацијата… И на сите нив ли треба да им се даде етнички предзнак?
За тоа како припадноста на ВМРО престанува да биде табу тема во Македонија најдобро објасни покојниот академик Иван Катарџиев во интервју за „Форум“ уште во 2003 година:
-Точно е дека постоеше ембарго кон определени личности од н ашето совремие, од првите години на повоениот период. Постоеше апсолутно ембарго кон проучувањето на делото на ВМРО на Тодор Александров и на Ванчо Михајлов, тоа е точно. Но, треба да се разбере дека новите власти што се инсталираа во Македонија во 44-та година немаа никаква кадровска основа, никакво искуство во историографијата за да можат да направат дистинкција за тоа што е што-на пример, дали ВМРО на Гоце Делчев е различно од она на Александров и Михајлов? Во претходна Кралска Југославија бше создадена претстава дека ВМРО е исто што и Ванчо Михајлов. Тоа сфаќање беше доминантно во владејачките кругови се до 1964 година кога се одржа едно советување во Скопје. Мито Хаџивасилев-Јасмин рече дека е крајно време да се престане со прогонување на младинците, кои на разни места пишуваат пароли „Да живее ВМРО“. Има и други примери. Во 44-та се говореше од тогашните моќници дека Гоце Делчев и Илинден не треба да се слават, бидејќи тој бил „Бугарина“, а Илиденското востание било „бугарско востание“.
Ако се направи обична споредба на последниот предвоен и првиот повоен попис, може да се види дека за време на Втората светска војна Македонија изгубила 3,7 отсто од своето население и тоа по сите основи. Бројката, пак, што ја споменува официјална Софија за, наводно, насилно прогонети од повеќе од 100.000 македонски Бугари, апсолутно не соодветствува со реалноста и темелењето било какви политики врз оваа основа е далеку од добрососедство.
Comments are closed for this post.