Музејот на современа уметност во Скопје ги поканува уметниците од Северна Македонија и од странство, кои се на возраст од 18 до 35 години да се пријават на отворениот повик за претстојното 13. Биенале на млади уметници. Темата годинава е „Страст за лутање“.
Од МСУ велат дека идејата на темата на ова Биенале е немање цел за ништо конкретно во сегашната состојба на нештата во светот, туку желба сè да биде другаде.
Веќе една година живееме во состојба на домашност, на истост, на повторувања во чекање. За да се спротивставиме на оваа состојба, нашиот проект ја бара „болеста за другото“ како лек што може да се најде преку бесцелно лутање. Да се биде болен за другост е страшна потреба да се биде надвор од домот, како низ идеи, така и физички, стои во повикот.
Тој е отворен до 20 март 2020 година.
Сакаме да ја поттикнеме желба за талкање низ простори внатре и надвор, за конкретно да ги прошириме просторите за лутање, простори што се (о)слобод(е)ни од доминантниот код со кој се фиксира и се имобилизира поединецот и колективот. Овие нови простори што се достапни без никаква цел, претставуваат отвори со потенцијал за новина во, и за, уметноста. Токму во тој краток спој меѓу новината и новиот простор којшто таа истовремено го пронаоѓа, /ˈwɒndəlʌst/ станува политичко движење, велат од МСУ
Пријавите ќе може да се испраќаат во електронска форма на македонски и англиски јазик на маил адресата: info@msu.mk со назнака: Пријава за Биенале на млади уметници.
Апликацијата треба да содржи опис на делото, кратка биографија до 500 зборови, фотографии од делото со податоци за наслов, година, техника и димензии, како и листа на потребна опрема за техничка реализација и инструкции за инсталација на делото.
Авторите аплицираат со веќе продуцирани дела, а транспортните трошоци за странските уметници ги покрива Музејот на современа уметност – Скопје.
Авторите конкурираат со едно свое дело настанато во периодот од 2018 – 2021 година. За резултатите од конкурсот уметниците ќе бидат известени до 1 април 2020.
Избраните автори се должни делата да ги достават опремени за излагање и означени со име, презиме, наслов година, техника и димензии.
Сите пријавени дела на биеналето ги селектира и оценува жири комисија. Музејот го задржува правото да ги фотографира сите селектирани дела да ги објави во каталог и да ги користи за пропагандни цели.
Биеналето, пак, оваа година ќе се одржи од 5 мај до 1 септември 2020, во Музејот на современата уметност – Скопје.
Comments are closed for this post.