Член на Надзорен одбор на СФМ за кого има индиции дека фалсификувал лекарски уверенија спротивно на Законот за спорт, претседателот – потписник наместо суспензија го наградува со натпревар, реагираат неколку скијачки здруженија.
Од таму велат дека, за Членот на Надзорниот одбор на Скијачката федерација на Македонија кој го води и клубот ХМКД, Александар Кацарски и неколку други спортисти поединци, има индиции дека поднеле фалсификувани лекарски уверенија за извршен медицински преглед што е груба повреда на член 51 и 52 од Законот за спорт.
За ваквата состојба стигна известување од специјалистичката здравствена ординација по спортска медицина, испратена до Агенцијата за млади и спорт, СФМ и Извршниот одбор на СФМ. За да се заштити кредибилитетот на СФМ и на скијачките спортови, неколку членови на Извршниот одбор побараа поведување на дисциплинска постапка и преземање на санкции и негово исклучување и на клубот ХМКД од СФМ. Имено, покрај индициите за фалсификување на медицинските лекарски уверенија, постојат сомневања дека ваквите незаконски дејствија се толерираат од страна на привременото раководство на СФМ предводено од претседателот – потписник Васил Сокле во пресрет на новото Собрание со намера да се обезбедат повеќе гласови од клубови кои се неактивни или клубови чии активности не се во целост во согласност со закон. Дополнително на тоа на клубот ХМКД му доделено организирање на натпревар.
Очекуваме итно да се преземат мерки за ваквите дејствија спротивни на Законот за спорт и етичките кодекси во спортот во најбрз рок за да се спречи остварување на лични интереси во СФМ за сметка на спортистите и спортот. Веќе ја информиравме јавноста за сомневање за промена на листата за доделување на спортски ваучери од страна на СФМ и претседателот – потписник доставена до Агенцијата за млади и спорт од таа што ја утврди комисијата за доделување на ваучери, заради што неактивни клубови како на пример Спартак и Работнички, добија ваучери, додека спортисти со врвни резултати како Јана Атанасовска која до почетокот на скијачката сезона 2020-2021 година има освоено повеќе од 70 медали и пехари на различни меѓународни натпревари и ги исполнува сите критериуми да добие ваучер не се најде на листата. За да ги заштитиме младите спортисти кои работат со огромен ентузијазам и труд и заслужуваат поддршка од државата и од СФМ, веќе е поднесен приговор за ваквата распределба на ваучерите и известена е Агенцијата за млади и спорот.
Ова се сериозни сомнителни активности кои се случуваат во СФМ по смртта на претходниот претседател, кога како овластено лице на СФМ во Централниот регистар на Република Северна Македонија е впишан Васил Сокле во улога на „потпретседател-потписник“. Како основа за ваквото впишување е наведена постапка за избор на претставник на СФМ која е спроведена без знаење на клубовите и спротивно на постапката предвидена во Статутот на СФМ, за што клубовите и дел од членовите на Извршниот одбор на СФМ понесоа соодветна пријава до Агенцијата за млади и спорт.
Клубовите кои со години се дел од СФМ и даваат сериозен придонес кон нејзиниот развој и развојот на скијачките спортови во земјата, ќе продолжат да се залагаат за работење согласно Статутот на СФМ и согласно законите во земјата, бидејќи само така може да се оствари главната цел: развој на спортот и создавање услови за младите спортисти. За таа цел, клубовите кои се дел од иницијатива за расчистување на низа нетранспарентни активности во СФМ, настојуваат да се избере легитимно раководство на СФМ и да се расчистат сите сомнителни активности за да може оваа спортска федерација да работи согласно законите и целите за кои постои.
Целта на СФМ треба да биде обезбедување на солидни услови за развој на скијачките спортови и поддржување на младите во нивните напори за остварување врвни резултати. СФМ не треба и не смее да се користи за обезбедување на лични аспирации. Во интерес на младите спортисти и нивната посветеност за постигнување на врвни резултати, искрено се надеваме дека Агенцијата за млади и спорт ќе постапи согласно нашите дописи.
Ски Клуб Полар
Сноуборд Клуб Полар
КОБНС Скии Рис Скопје
ФОКС Ски Клуб
К.Б.Н.Д Мирна Долина
ЗСР Клуб 28
Ски Школа Љуботен
Ски Клуб Шари Академи
АСК Скади Скопје
Ски Клуб Бистра – Гостивар
Comments are closed for this post.