За да се чувствува одговорнсот значи дека треба да направите намерен пропуст или да не постапите по насоките кои се дадени, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес-конференција свикана поради бегството на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
– МВР постапи веднаш по добивањето на информациите, со сите расположливи средства. Ние одговорноста треба да ја бараме во целиот систем. Ако не се среди системот, тогаш секако дека ќе имаме нови вакви настани. Бегството на Мијалков треба да биде силен аларм до сите дека е време да се консолидира системот и да се знае точно за кои предмети и за какви предмети мора да се бараат мерките за притвор. МВР ги извршува наредбите од Обвинителството и од Судот. Ние не носиме одлуки и не постапуваме без наредби – рече Спасовски.
Тој вели дека постојат сомнежи дека постојат кртови не само во МВР, туку во сите институции кои долги години биле под режимот на ВМРО-ДПМНЕ.
– Јас се сомневам дека има крт во било која од институциите кои долго време беа под режимот. Не можеме со сигурност да кажеме дали и кој го прави тоа, но има сомнежи дека постои крт кој му давал информации на Мијалков. Тој треба да носи кривична одговорност, без разлика кој е. Ова е работа која мора да се заврши, оти ние како МВР не сме имале мерка со која тој ќе биде следен и чуван секаде каде што се движи. Тој поседува многу пари и имот надвор од државата, прашањето е дали требало да се бара притвор за тоа лице. Во секој момент кога полицијата имала наредба да постапува, таа постапувала. Потребно е прочистување на системот и менувањето на размислувањето на сите нас за тоа што е нашиот приоритет, односно борбата против криминалот и корупцијата – рече Спасовски.
На прашањето дали Мијалков е во или надвор државава, Спасовски одговори дека тој сè уште е во Македонија.
– Според сите анализи и проценки, тој е во државава. Работиме на негово пронаоѓање и приведување – рече Спасовски.
Comments are closed for this post.