Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, упати отворено писмо до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Во него Мијалков, меѓу другото, вели дека со големо разочарување и неверување ја примил веста за неговото формално исклучување од партијата и бара од Мицкоски јавно да ги покаже доказите тврдењата изнесени против него дека некого со сила терал нешто да прави или дека се обидувал да го поткупи.
Во спротивно, како што вели, вештачкото и со лажни аргументи создавање еуфорија против него, презентирано како „Панорама 2“, немало никако поинаку да се разбере, отколку како обично, подмолно, егоисточно барање виновник и алиби за серија грешки на Мицкоски и на раководството на партијата.
Мијалков во писмото го повикува мицкоски да одговори:
1.Зошто ако сакаше да го одбраниш името не застана цврсто зад таа кауза, со масовно и секојдневно организирање мирни протести на кои ќе ги поведеше илјадниците мотивирани граѓани и членови на партијата?
Приказната дека некој ќе ги злоупотребел протестите за да те намести и да се повтори 27 април ептен не држи. Тоа е кукавичка приказна на луѓе кои се плашат да се соочат со сопствените вредности и сопствената поддршка.
По таа теорија, ВМРО не треба веќе никогаш кога е во опозиција да организира протести. Ако некој мисли дека има смисла оваа теорија, нека се запраша зошто митингот од 2-ри јуни или неколкуте т.н. маршови во различни градови низ Македонија не се претворија во 27 април?
Пред јас да почнам да говорам да одговориш, кому ти како претседател на партијата му се додворуваше, и кому имаше ветено дека масовни и секојдневни протести за името нема да има и дека ВМРО нема да го блокира процесот за решавање на името, туку само ќе изразува несогласување?
2.Кога сите знаевме дека убедливо поголем дел од граѓаните на Македонија се против договорот со Грција, зошто откако се потпиша договорот, не го повика народот на одлучно гласање „против„ и со тоа да се оствари силна победа над оние што беа „за„?
Со таква победа на народот, ќе се оневозможеше и ќе станеше бесмислен понатамошниот притисок врз пратениците на ВМРО, кој притисок беше предвидлив и ти знаеше дека ќе се случи. Со таква блескава и чиста победа на „против„ над „за„ не СДСМ, туку ВМРО ќе беше во ситуација да бара нови избори наместо да бара виновници за неуспесите и грешките на претседателот на партијата.
3.Ако ти веруваше во тоа, односно знаеше како што тврдиш дека власта ги апси лиѓето со политички монтирани обвиненија за 27 април и за случаи конструирани од СЈО, со крајна цел да ги уцени пратениците и нивните семејства за двотретинско мнозинство, зошто барем еднаш јавно не побара од претседателот Иванов да ги заштити за да не се предмет на уцена?
Со тоа ќе се овозможеше заштитените пратеници да го одбранат името во парламентот. Наместо тоа, им кажуваше на пратениците и другите под политички прогон дека кога ќе дојде ВМРО на власт, тогаш ќе им помогне. Без трошка совест, твоите луѓе од врвот на партијата, сите нив ги нарекуваа „инфицираните„.
Зошто раководството медиумски бегаше од темата „политички прогон„ се до неодамна кога и некои членови на актуелното раководство се нападнати со прогонот? Дали се калкулираше со предвидливоста на настаните кои доаѓаа?
Кој и како издејствува, ти Христијан, кој беше ставен во предистражна постапка за предметот „Талир„, поврзан со финансирање на партијата во време кога ти беше генерален секретар, да бидеш тргнат од листата? Дали ти не се испазари за самиот себе на грбот не само на другите, туку и на Македонија и на нејзиното уставно име? Зошто веднаш по твојот избор за нов претседател запреа секојдневните протести пред Министерството за правда, пред затворот Скопје, каде беа притворени десетици лица со фабрикувано обвинение за тероризам? Зошто? И зошто потоа со месеци не ја отвараа таа тема во јавноста?
4.Зошто цели три месеци по објавувањето и потпишувањето на договорот со Грција ти немаше никаков став како ќе се постапи на референдумот, и остави огромен простор други помали партии, групи, поединци и којзнае чии скриени експоненти да го водат членството во бојкот, а однапред СДСМ кажа дека по истиот одлуката ќе ја пренесе на решавање кај пратениците? Еден прилично предвидлив процес.
5.Дали ти интимно посакуваше да се смени името, а притоа вината да се фрли врз прогонетите пратеници, а потоа да излезеш „чист„ од целата ситуација, среќен дека друг ти го решил и тргнал проблемот со името и си ја понел вината со себе? Дали сакаше да дојдеш на власт со веќе решено име, а виновници за тоа да се СДСМ и неколку политички прогонети пратеници на ВМРО, а ти да си „патриотот„? Дали за ова отворено, со недели, не зборувавте низ канцелариите на ВМРО? Дали ти играше крајно валкано и нечесно со чувствата на нашето членство, чувствата на македонскиот народ и со судбините на жртвите од СЈО и 27?
6.Зошто Христијане во партијата на меѓусебни средби поврзани со решавањето на името говореше едно, а во јавноста друго, се до неодамна, кога пред повеќе недели нагло ја прекина комуникацијата со мене и по третпат заради лични интереси го смени курсот во многу полоша насока за државата. За личните мотиви за оваа промена на курсот и катастрофалните последици по Македонија и ВМРО ќе зборуваме дополнително.
Дали е во ред, некој свои соработници пред неколку недели да ги охрабруваш да убедат 8 пратеници да гласаат „за„ со цел да се решело прашањето ама ти да не си бил крив, а плус да глумиш храбар лидер, кој бара предвремени избори, фалејќи се со сомнителни анкети, што ги добиваш од агенција од друга држава?
7.За крај, бидејќи мене ми се префрла дека сум бил свртен кон материјалниот интерес, а кон партијата и идеологијата, јас, кој и пред и по државната функција живеам работејќи во приватниот бизнис, сакам да те прашам: додека јас, кој веќе до 2006-тата бев заработил доволно пари за мирен и безгрижен живот, додека јас „ја ставав главата во торба„ во еден куп полициски операции за неутрализирање на терористички и криминални групи, кои дејствуваа против безбедноста и територијалниот интегритет на Македонија и го загрозувааа нејзиниот опстанок, и заради кои операции целиот мој живот ќе гоживеам во опасност од лични одмазди, а со кои акции се креваше рејтингот на ВМРО, како тоа ти, како професор со 500 евра плата, успеа да одјдеш до неколку хидроцентрали токму за време на владеењето на ВМРО?
Колку што јас знам, професори на факултет има многу, но само еден професор во Македонија, кој претходно немал сопствен бизнис, има милионски вредни хидроцентрали, што носат милионски заработки во евра, а сето тоа без никаков ангажман, само врз основа на добиената концесија доделена од Владата на ВМРО.
Зошто имате потреба да лажете за да ме оцрните?
Зошто лажете дека сум се заканувал на Крсто Мукоски и на другите пратеници?
Зошто лажете дека сум дал пари на пратениците?
Зошто лажете дека по гласањето во парламентот сум бил на некаква прослава на СДСМ?
Зошто вие како раководство и ти Христијан како претседател ги остави на цедило и Крсто и другите пратеници, удобно чекајќи во фотелјата за на нивен грб да станеш премиер со лаги и интриги, со ароганција и нечесни валкани игри?
И сега ви треба виновник?
Го лажевте ЦК? Зошто не ме викнавте и мене таму, па да се соочиме пред тие 150 луѓе, и да ја чуевте вистината? Да им кажам јас ним, што ти Христијан ми говореше во ноември и декември лани околу решавањето на уставното име, но и во текот на оваа година, па нека оценат кој е предавникот и криминалецот, а кој патриот и чесен кон својот народ. Да слушнат малку за твојата дволичност и двоен морал.
Со лаги и интриги, со местење на други луѓе од партијата да ви се жртви за да вие дојдете на власт, нема да успеете. Така само ќе ја урнисате и партијата и Македонија.
Многу жалам поради тоа. Бидејќи јас сум во ВМРО уште кога некој од Вас беа во пелени, како на пример Александар, кој го пуштивте да Ви е гласноговорник, и кој деновиве ќе добие од мене тужба за клевета и навреда, па најпрвин со него ќе се видиме на суд.
Нека докаже дека сум го правел тоа за што лажно ме обвини. Барем да имаше храброст ти да го кажеше тоа, а не да пушташ други.
Многу жалам што со ваков карактер и капацитет ќе ја урнисате партијата, која мнгучесни патриоти макотрпно ја градеа додека некои до вас беа во ЛДП, а други во ДП ма Гошев, и плукаа по нас вмровците дека сме биле необразовани, прости и неизбањати. Го излажавте и ЦК и ОК Центар и целата држава и народ. И не само за ова. Генерално земено, нечесно се однесувате и делувате, народот тоа го чувствува. Затоа, година ипол со ваков СДСМ, во услови кога го менуваат името и уставот, ВМРО не може ни да се изедначи на анкетите на јавното мислење и доверба.
Бидејќи, и покрај катастрофалните грешки на СДСМ, народот не ти верува Христијан. Ти чита од очите дека многулажеш. Ако не се промениш, не е проблем што ти нема да станеш премиер, туку што ВМРО и Македонија ќе бидат губитници. Луѓето, кои ти ги постави во партијата се фрапирани од твоето лажење. Како си можел пред полна сала претседатели на комисии, пред неколку месеци, да дадеш инструкција да подготвуваат програма, секој во својата област, кажувајќи дека не мора се што ќе се вети да се спроведе, дел може да се вети, а да не се исполни. Тоа никогаш порано го немало во ВМРО. Твоите луѓе ти се чудат. Ако твоите луѓе не ти веруваат, како ќе ти веруваат останатите. Ако нив ги лажеш, што останало за останатите. Запомни уште еднаш-со лаги и интриги не се освојува доверба на народ.
Засрами се Христијан!!! Засрами се!!! Те гледам, и тебе и некои други чавчиња од раководството и партијата, и се потсетувам на онаа народната: „Секоја чавка сонува да се испогани на главата на орелот кога ќе го види паднат„. Ме видовте силно нападнат до СДСМ, па тргнавте со лаги и интриги против мене да си го поптавите нискиот рејтинг и доверба.
Периодов што претстои народот и членството ќе го видат твоето лажно лице. Народот и членството ќе видат колку ти си бил засегнат за неменување на името и која е цената што ти би ја платил за одбрана на името. Народот ќе види дали ќе го бојкотираш Собранието и дали ќе повикаш на протести и граѓанска непослушност. Дали ќе организираш филибастеринг (блокирање на Собранието со амандмани) за да спречиш промена на уставот или ќе дадеш налог да се дискутира неколку денови за да се стигне на време со агендата, а после повторно ќе глумиш патриот и виновни повторно ќе бидат пратениците, што недоволно ја бранеле каузата? Дури и Левица има храброст да повика и да излезе на протест, а каде си ти Христијане?
Ти не си патриот каков што сакаш да се претставиш. Добро те запознав. Ти си ЛАЖЕН ПАТРИОТ!!! Времето ќе го докаже ова. Да живее ВМРО! Да живее Македонија!
Сашо Мијалков
Comments are closed for this post.