Жири-комисиите составени од истакнати писатели, литературни критичари и есеисти ги донесоа одлуките за добитници на традиционалните награди на Друштвото на писатели на Македонија за книжевната продукција во изминатата 2020 година. На Конкурсот распишан во текот на месец декември минатата година беа поднесени вкупно 64 книжевни дела во конкуренција за петте награди, соопштија од ДПМ.
Според одлуките на комисиите за романот „Боксерот од Ново маало“ Владимир Плавевски ја добива наградата „Стале Попов“, за поетската збирка „Математичка поезија“ Даниела Андоновска-Трајковска ја добива наградата „Ацо Шопов“, за критичко-есеистичката книга „Лирската биографија на Конески“ Атанас Вангелов ја добива наградата „Димитар Митрев“, за книгата за деца „Приказни за добра ноќ на мама Ана“ Билјана С. Црвенковска ја добива наградата „Ванчо Николески“ и наградата „Мост“ ја добива Адем Абдулаху за поетската збирка „Недопеани песни“.
Комисиите работеа во состав: Игор Станојоски (претседател), Петре Димовски и Трајче Кацаров (за проза); Борче Панов (претседател), Љубинка Донева и Снежана Стојчевска (за поезија); Глигор Стојковски (претседател), Кристина Николовска и Елизабета Бандиловска (за критика и есеистика); Весна Мојсова-Чепишевска (претседател), Мишел Павловски и Игор Крајчев (за литература за деца) и Христо Петрески (претседател), Делвина Керлуку и Лејла Шериф Емин (за книга-мост меѓу националностите), велат од ДПМ.
Наградите ќе им бидат врачени на добитниците од страна на претседателите на комисиите според безбедносните протоколи и видео-записот од врачувањето ќе биде објавен во електронските медиуми и доставен до телевизиските медиуми во знак на празнување на денот на ДПМ (13 февруари), кога се навршуваат 74 години од основањето на писателската асоцијација. Ова празнување, како и низа поетски читања и настани во текот на годината, што ќе се организираат во живо или онлајн во согласност со пандемиската ситуација, ќе бидат пронижани со чествувањето на книжевниот великан и прв претседател на ДПМ – Блаже Конески и одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање.
Comments are closed for this post.