Претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, денеска мораше да се јави во Обвинителството на БиХ во Сараево, а според локалните медиуми, тој сведочел како дел од истрагата за сомнителното потекло на икона подарена на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Додик се обиде од страничен влез да влезе во седиштето на Обвинителството на БиХ, каде што мина околу еден час, но медиумите сепак го регистрираа и објавија.
Додик е главниот актер во „аферата со икони“ кога на 14 декември минатата година, за време на посетата на БиХ, тој му подари икона на рускиот министер Лавров како личен подарок, што се покажа дека е регистрирана како украински имот во дваесеттите години на минатиот век. Прашањето како иконата стигнала до БиХ остана без јасен одговор, а Додик објасни дека е сопственост на член од семејство кој му ја дал.
Не го знам ниту името на човекот кој ми ја даде иконата, само помислив дека може да биде убав гест, е објаснувањето што го понуди јавно Додик, избегнувајќи јасно да одговори на бројни прашања.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба остро реагираше со изјава дека Додик лаже истакнувајќи оти иконата е украинска.
Рускиот министер Лавров на 24 декември минатата година ја врати иконата во амбасадата на БиХ во Москва.
Comments are closed for this post.