Петитот пакет економски мерки за поддршка на стопанството и граѓаните за справување со последиците од Ковид-19 ќе тежи помеѓу 50 и 60 милиони евра како директни буџетски импликации, но како фискални импликации ќе биде околу 150 милиони евра. Се очекува да биде финализиран неделава ако постигнеме консензус со сите засегнати страни, потврди денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Тој во одговор на прашање по посетата на скопската компанија Раде Кончар ТЕП посочи дека се уште се разгледуваат деталите за пакетот за да биде точно утврдена неговата вредност и нагласи дека поддршката за платите нема да изостане и во петтиот пакет мерки.
Ќе има финансиска поддршка за платите исто како што беше и претходно затоа што и претходната помош не беше безусловна. И порано требаше да се исполнат одредени услови за помошта да стане неповратна истиот механизам го користиме и сега. Се разговара за двете опции со синдикатите, стопанските комори и сите други – да се продолжи со поддршката како и досега или таа да се замени со бескаматни кредити. Оваа недела ќе треба заеднички да решиме со сите засегнати страни која е најдобрата мерка имајќи во предвид дека полека заздравуваме и влегуваме во рестарт на економијата, изјави Битиќи.
Нагласи дека доделувањето на ваучери за граѓаните беше ад-хок мерка направена во период на криза и оти со неа беа опфатени речиси 700 илјади граѓани, но додаде дека во сетот на мерки кој сега се предвидува има мерка за отпис на каматите за заостанатите долгови кои ги имаат граѓаните кон јавните претпријатија на локално или на национално ниво што, како што рече, значи поголема директна помош за граѓаните. Во целиот пакет има повеќе од 20 мерки од кои ќе дојдат доволно средства до тие кои се најзагрозени.
Доколку има потреба во наредните месеци ако е потребно ќе има нови мерки за граѓаните. Никој не е изоставен од мерките, бидејќи сите граѓани нас ни се битни како Влада и ќе бидат опфатени со различните мерки во различните пакети кои ги носиме. Како Влада знаеме дека се уште ќе се справуваме со Ковид-19 и затоа креиравме програми во ресорните министерства во кои во некои програми ги дополнивме со дополнителни финансиски средства за граѓаните, рече Битиќи.
Евентуалното супституирање на мерката финансиска поддршка на плати со новата мерка за поддршка на плати преку кредитната линија на Развојната банка, појасни, ќе биде само супститут, а критериумите би требало да останат исти и помошта да ја добијат сите на кои им е потребна.
Не размислуваме за критериуми преку кои на некои ќе им кажеме сега нема пари. Не е класична кредитна линија туку само го менуваме супститутот. Тоа е во духот на развој и рестарт на економијата, а дополнително ги мотивираме компаниите да покажат позитивни финансиски резултати за да добијат одредена сума на неповратни средства. Никој нема да биде изоставен. Следиме дека се намалува бројот на компании и работни места за кои е потребна поддршка и имаат пад поголем од 30 отсто. Ако во април имаше 128 илјади вработени на кои им требаше финансиска поддршка од 14.500 денари во декември има околу 60 илјади вработени од околу 11 илјади фирми кои ја искористиле оваа поддршка и добиле просечно 15.800 денари, истакна Битиќи.
За финансиската помош од претходните пакети мерки рече дека до 31 декември според последните проценки од Буџетот се исплатени 350,4 милиони евра во кои не влегуваат финансиските средства кои се потрошени во јануари годинава и посочи дека иако се доставени пред повеќе од 2,5 месеци се уште не се донесени во Собранието трите законски решенија кои требаше да вбризгаат 250 милиони евра во стопанството.
Comments are closed for this post.