На прес-конференцијата во МНР, Османи кажа дека со овој Закон во однос на шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) се зацврстува решението дека само државјани на Република Северна Македонија можат да бидат избрани за шефови на ДКП-ата, односно за амасадори.
Исто така, се намалуваат дискреционите права на министерот.
„Ако во сегашното законско решение министерот ги назначува директорите без некоја посебна процедура во Министерството, во новиот Закон предвидуваме Комисија која ќе рангира дипломати кои исполнуваат одредени критериуми кои ќе му бидат предложени на министерот за да избере од нив директор на одредени директорати“, изјави Османи.
Според него, тоа е нов квалитет во давање сила на професионалната дипломатија и во водење на политики во Министерството за надворешни работи.
Се воведува и нова позиција генерални директори кои ќе раководат со два или повеќе директорати, но, како што кажа, се намалува можноста на министерот директно да ги назначува директорите во МНР.
Во однос на назначувањето амбасадори, се поставува лимит од 75 проценти од амбасадорите да бидат од Министерството за надворешни работи, односно професионални дипломати, на сметка на политички номинираните дипломати, поточно оние кои доаѓаат од општествениот живот. Ова, според Османи е крупен исчекор бидејќи значитено ќе се професионализира службата.
Во овој дел како што изјави, се воведува концептот на економската дипломатија, односно посебна служба на економски советници кои ќе бидат деташирани во ДКП-ата, а кои што ќе работат во функција на промовирање на економските потенцијали на земјата, но и на привлекување на странски инвестиции.
Османи додаде дека за овој нацрт закон се консултирани бројни институции, вклучително и синдикатите во МНР, и според него, ова е добра основа за откако ќе ги помине сите филтри на системот, да биде усвоен во Собранието.
Законот ги регулира јасно и прецизно надлежностите на чинителите во надворешната политика, вклучувајќи го тука претседателот на државата, Собранието, Владата, министерот за надворешни работи, МНР, но исто така го прецизира и односот и комуникацијата меѓу нив, со цел полесно да се создаде една усогласена кохерентна надворешна политика, која ќе биде основа за да ја промовираме државата како сериозен и кредибилен партнер на меѓународната заедница, рече Османи.
Тој додаде дека досега имало само еден хибриден микс меѓу дипломати и административни службеници кои биле изгубени во лавиринтите на дипломатските и административните звања.
Comments are closed for this post.