ЈУ Младински културен центар информира дека ја преживеа 2020 и во слава на тоа се испече специјална новогодишна програма со концерти, диџеи, готвење, смеење, поезија, како и по некој поздрав и честитка од публиката на МКЦ.
Како организатори и домаќини на скоро 400 поединечни настани/содржини во 2020, концерти, театарски премиери и претстави, изложби, поетски читања и литературни промоции, филмови под отворено небо, CINEDAYS филмски фестивал низ цело Скопје, ЗДРАВО МЛАДИ музички фестивал во срцето на Скопје, МОТ театарски фестивал во јубилеј од 45 години постојан континуитет и 15 продукции, редно беше да се пробаме и со новогодишна емисија. Конципираме програма што и ние би сакале да ја гледаме доколку сме дома пред екраните, а не на работа, која повторно на драго срце, сепак сами си ја накалемивме, велат од МКЦ.
Во рамки на 6-часовната програма од студиото на МКЦ ќе настапат: Funk Shui, Стојче со диџеј сет од Берлин, Диџеј Фиц со специјален микс топла музика од Порто, Александар Велики, Дина Јашари, Васко Атанасоски, Суперхикс, Rush To Relax или Дамјан Маневски од зелената Љубљана, Atheist Rap со специјален биенален настап за МКЦ од Нови Сад, јавување од подземјето од Shock Troopers и малце ‘џез-че’ со Zulu 3.4.
Покрај музичките настапи, со специјален готвачки сет ќе настапи и Никола Исаиловски или познат како Fat Cacko од неговата Fat Kitchen, чие црцорење на загреаните тави ветува дека ќе предизвика и оближување на малите екрани.
МКЦ најавува дека за програмскиот дел што е одреден за хумор ќе настапат Vlad Ilich и Marko Dejanovic, нови, но супернадежни артисти во мегаконкурентниот свет на стендап-комичари. Vlad Ilich како емигрант од Куманово во светски Лондон, успева полека но сигурно да се пробие на лондонската стендап-сцена со своj специјален настап и за Би-Би-Си, а сега и за прв пат во Македонија и за МКЦ.
Во рамки на програмата ќе има и поезија во КЦ 750, бидејќи освен смеење, битна е и љубовта, а што подобро од поезија за заљубување за крај на 2020.
Под слоганот „Чао 2020“, новогодишната програма ќе се емитува на 31 декември 2020 со почеток во 20 часот на фејсбук-страната на МКЦ како и нашиот јутјуб-канал и премиерно на локалната скопска телевизија Едо.
Comments are closed for this post.