Македонскиот народен театар (МНТ) организира онлајн изложба „Сценска тишина“ во која ги претставува костимите на актерите кои оваа сезона останаа необлечени поради пандемијата со ковид-19. Изложбата е достапна во вид на фотографии и како видео – објавено на јутјуб-каналот на МНТ.
Низ фотографиите и видеото на Драган Гајиќ се раскажува за моќта на актерот, концептот на режисерот, приказната на авторите и креативноста на авторите на сценографијата и на костимографијата.
На изложбата, работена по идеја и во реализација на Ивана Јарчевска и Мила Анѓелковиќ, прикажани се костими во кои играат актерите на МНТ, сценографиите на: Никола Тороманов, Илина Ангеловска, СвенЈонке, Костантин Трпеноски, Вишња Вујовиќ, Лоренцо Банчи, Владимир Жерновски и Валентин Светозарев; и костимографиите на: Марија Пупучевска, Илина Ангеловска, Снежана Пешиќ-Раиќ, Свила Величкова, Роза Трајческа-Ристовска, Ивана Каранфиловска-Угуровска, Александар Ношпал, Мануела Паладин, Лидија Георгиева, Кокев и Кадриу, Елена Пандева, Антонија Гугинска-Јорданоска и Елена Вангеловска.
Театарската претстава како нужно врзана за времето и просторот во кој се одржува, постои единствено во времето во кое се одигрува. Поради тоа денес сцената е празна, но останува театарската светлина, мигот/сеќавањето за погледната претстава и поттикот да се посети непогледнатата претстава, велат од МНТ.
Од 18 март, кога во Македонија беше воведена вонредна состојба поради ковид-19 останаа затворени вратите на Националниот театар. Откако Владата дозволи, а театрите изработија протоколи за работа во услови на пандемија, во октомври МНТ пак почна да работи. На големата сцена на театарот се играа претставите кои претходно беа на малата сцена – „Говорна мана“, „Кец на десетка“, „Брачна игра“. Но, во ноември и декември, репертоарот на МНТ повторно остана празен.
Во годината во која Македонскиот народен театар ја слави својата 75-годишнина, период доволно долг за испишување на историја и достојно одбележување, светот, а со тоа и културата, се соочија со голема пандемија. Театарот остана без верната публиката, актерот не е на сцената, текстот е неизговорен. Остана тишината. Изложбата „Сценска тишина“, во продукција на МНТ, претставува желба и мотив театарот да се врати на сцената каде што ѝ припаѓа. Односно обид да се реконструираат претставите кои се на тековниот репертоар на МНТ преку костими, сценографија и/или реквизити, велат од МНТ.
Comments are closed for this post.