СДСМ е познат по измислување на проекти во кои ниту самите не веруваат, па така ги измислија плановите 3-6-9, 18, а сега го промовираа и планот 21, за кој однапред граѓаните знаат дека ниту нешто ќе се оствари, ниту пак планот ќе го подобри животот на граѓаните на Република Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, Зоран Заев и СДСМ секојдневно се служат со пиар методи за купи ден – продај политика, само за да си го сочуваат мирот кој им овозможува тргувањето со националните интереси, со кое отвораат приватни канали за создавање капитал врз грбот на граѓаните.

Наместо планови кои се далеку од реалната слика во Македонија, Зоран Заев и Владата треба да ги подобрат условите во здравството за кое четврта година лажат дека ќе го подобрат. Реалната слика во Македонија е дека македонскиот народ е оставен на цедило и секојдневно води борба со пандемијата, без при тоа да добијат било каква помош од државата. Ваквиот третман кон сопствениот народ е тотално понижувачки и поразителен за граѓаните, бидејќи додека тие не можат да обезбедат средства да ги платат месечните даноци, Зоран Заев со нивните пари си поигрува и креира сопствени бизниси.

Жално и срамно е партијата која е на власт, а чиј предводник е Зоран Заев да излегува на прес конференции и да ја окривува опозицијата за нешто со кое што самите тие раководат. Жално и срамно е човекот кој е фатен во безброј криминали, да зборува за криминал.

Република Македонија наместо да чекори стабилно и во ова време невреме да биде утеха на граѓаните кои очекуваат поддршка од државата, таа секој ден економски тоне, а моменталната економска дупка изнесува 6,5 милијарди евра, што е 59,5% од БДП.

Зоран Заев и Владата треба да се позанимаваат малку повеќе со овие бројки и со стабилизирање на економската и здравствената криза, а не да шири лажни вести за кои самиот тој вели дека е поборник да престанат еднаш засекогаш. Нека се води сам од своите барања и нека престане да ја лаже јавноста.

Република Македонија не може да ја очекува никаков прогрес на патот кон ЕУ, бидејќи наместо државата да оди напред и да се развива, таа не само што стагнира, туку и се враќа неколку чекори наназад. Директен виновник за лошата ситуација во Република Македонија е човекот кој веќе четири години се служи со лаги, манипулации и криминални дејанија, односно Зоран Заев, велат оттаму.