Во Македонија 29% од испитаниците се чувствуваат среќно, 38% ниту среќно ниту несреќно и 32% се чувстуваат несреќно. Индексот на среќа изнесува -3%, додека во светот индексот насреќа е +40. Ова е дел од истражувањето на Галуп интернешенел за очекувањата на граѓаните во 2021 година.
Индексот на надеж, пак, во Македонија е над светскиот просек и изнесува 24%.
На прашањето „Дали сметате дека 2021 година ќе биде подобра, полоша или иста со 2020 година?“ повеќе од двајца од пет анкетирани на глобално ниво (43%) одговориле дека следните дванаесет месеци ќе бидат подобри од претходните, 24% сметаат дека ќе биде полошо и 26% дека ќе остане исто. Глобалниот индекс на надеж изнесува +19%.
Во земјава скоро двојно повеќе анкетирани очекуваат дека 2021 година ќе биде подобра (50%) во однос на оние кои очекуваат дека ќе биде полоша (26%), 22% сметаат дека ќе биде иста и 3% не знаат.
На прашањето „Во споредба со оваа година, според вас, дали следната година ќе биде година на економски просперитет, економски потешкотии или ќе остане иста за нашата земја?“ на глобално ниво скоро половина од анкетираните граѓани очекуваат дека 2021 година ќе биде година со економски потешкотии (46%), 25% очекуваат дека ќе биде година на економски просперитет и близу на тоа сметаат дека ќе биде иста како и претходната (24%). Сликата за економскиот просперитет на глобално ниво е под силно влијание на одговорите на граѓаните од ЕУ кај кој изразито доминира песимизмот. Ваквите одговори се должат на фактот дека пандемијата во многу земји на ЕУ не покажува знаци дека е под контрола, 63% сметаат дека следната година ќе биде година на економски потешкотии.
На прашањето „Општо земено, дали вие лично се чувствувате многу среќно, среќно, ниту среќно ниту несреќно, несреќно или многу несреќно во животот?“ на глобално ниво сепак, и покрај економскиот песимизам, се чини дека среќата успева да блеска; 54% од светската популација се опишува себеси како среќна (многу среќни 13% + среќни 41%) a 14% дека се несреќни (несреќни 10% + многу несреќни 4%). На светско ниво индексот на среќа изнесува +40%.
Во Македонија во однос на прашањето како лично испитаниците се чувствуваат добивме процентуално слични бројки, односно 29% одговорија дека се чувствуваат среќно, 38% ниту среќно ниту несреќно и 32% од испитаниците се чувстуваат несреќно. Индексот на среќа изнесува -3%.
Во ваков редок случај кога имаме вистинско глобално јавно мислење, светот како целина го задржува својот оптимизам за следната година, но песимистичките ставови се доминантни во повеќе земји од вообичаеното. Додека луѓето очекуваат претстојната 2021 година да донесе крај на пандемијата, нема илузии дека економските потешкотии ќе бидат надминати во краток рок. Со сигурност, дискусијата за рамнотежата помеѓу здравствената заштита и просперитетот ќе биде во фокусот на глобалното внимание во следните години – изјави Канчо Стојчев, претседател на ГИА.
Истражувањето на крајот на годината (EoY) на Gallup International е годишна традиција иницирана и дизајнирана под претседателство на д-р Џорџ Галуп во 1977 година. Од тогаш се спроведува секоја година. Оваа година таа е спроведена во 41 земји низ светот. Вкупно 38.709 лица се интервјуирани на глобално ниво. Во секоја земја имало репрезентативен примерок од 500 до 1.500 анкетирани.
Анкетата во Македонија ја спроведе БРИМА на национално репрезентативен примерок во кој биле опфатени 504 граѓани на возраст 18+ години во периодот од 1 до 9 декември 2020 година. Маргина на грешката изнесува +/- 4.4% на 95% ниво на доверба. Истражувањето е спроведено со метод на телефонска анкета (CATI – Computer Assisted Telephone Interview).
Comments are closed for this post.