Ние немаме намера да го менуваме календарот и покрај тоа што знаеме дека не е исправен од астролошка гледна точка. Нашиот православен, пред се, македонски народ и сите останати православни верници не се подготвени во овој момент да го промени календарот, а ние не можеме да бидеме Црква без народ.
Ова за Пресинг го изјави портпаролот на МПЦ-ОА, владиката Тимотеј, по предлогот на поранешниот бугарски министер за надворешни работи, Соломон Паси.
Паси на онлајн НАТО Форумот „Евроатлантските вредности и општествените предизвици низ призмата на образовниот процес“, што го организира од ГАУС Институтот – Битола, покрај другото предложи Македонија и Бугарија да прифатат иста временска зона, а двете православни цркви да помогнат и да прогласат исти религиозни календари.
Пред две-три години веќе, МПЦ-ОА побара од Бугарската православна црква да и биде црква мајка, но поради силното руско влијание Синодот тоа го одби.
Последниот македонски амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев, пак, во своето гостување во емисијата Во центар забележа дека клучна работа за македонската држава е македонската црква. Притоа потенцирајќи дека во основата на проблемите меѓу Македонија и Бугарија е токму црквата.
-Треба да се знае дека Бугарската егзархија кога е формирана во 1870 година е формирана од Цариградската патријаршија без ниту една епархија на територијата на географската област Македонија. Нема ниту една епархија, ниту Серес, ниту, Кавала, ниту Кукуш, ниту Костур, ниту Скопје, ниту Охрид. Второ, во нивниот статут не се спомнува Охридската архиепископија како духовно извориште на Бугарската егзархија. Трето, дејствуваат екстериторијално со дозвола на сулатонот Абдул Азис на македонска територија. Прават референдум, да, заедно со Грчката патријаршија. Но, што ќе избере ова население кога мнозинството е словенско и се определува за словенскиот јазик. Тука е проблемот. Они ја злоупотребуваат клаузулата словенска црква. Дејствувањето на Бугарската егзархија е дејство спротивно на христијанските канони и треба да се каже дека процесот на христијанизирање со бугарски свештеници и процесот на запишувањето на македонското население како бугарско е еден чин кој е недостоен за една држава, која тврди дека Македонија е бугарска земја. Но, кога се работи за тоа државничкиот врв да донесе одлука и да помогне на таа земја, таа се договара со грчката и српската монархија да ја дели. Е, ако е нешто твое, ти не би се согласил да го делиш со некој друг, изјави Ѓорчев.
Тој изнесе и мошне интересен податок, што можеби е малку познат во јавноста.
-За првпат Охридската архиепископија е ставена како духовно извориште на БПЦ во 2008 година, кога Бугарите влегоа во ЕУ и повеќе не им требаше добрососедството. И уште нешто многу важно, од шизмата од 1872 година заради ширење филетизам, национализам, они во 1953 година се повлекуваат од сите епархии на територијата на Република Македонија, што значи дека се откажуваат од нив и што сега сакаат кога со документ се откажале дека немаат право на овие епархии, нагласи Ѓорчев.
Екс-амбасадорот потсети и на бугарскиот академик по потекло од Охрид, Иван Снегаров, кој во една реченица, како што рече, дава синтеза на Охридската архиепископија, па вели-Охридската архиепископија е образец за духовната независност на Македонија.
Comments are closed for this post.