Според анализата на базните станици и мобилните телефони кои ги поседувал Александар Василевски – Нинџа, станува сè појасно и појасно дека „дежурниот сведок“ на обвинителката Вилма Рускоска лажел на судењето за 27 април.
На денешното рочиште вештакот проф. д-р Мирослав Котевски ја презентираше неговата анализа на движењето на Нинџа согласно базните станици на кои се регистрирале неговите два мобилни телефони, 076 444-… и 075 285-…, и двата сопственост на „Аристократ кафе“.
Преку листа на телефонски повици обезбедени од неговото движење во текот на целиот 27 април, вештакот утврдил дека Нинџа се движел на потегот околу плоштадот „Македонија“ и Собранието.
За конкретниот ден, 27 април, Нинџа првпат бил забележан од базната станица на ВМРО-ДПМНЕ после 22 часот, конретно во 22:19 часот. Вештакот претпоставува дека Нинџа само се доближил или поминал покрај штабот, но не и дека влегол, зошто веднаш потоа Нинџа добил повик од телефонскиот број 075 285-… од таканаречената базна станица „Алмако“, во близина на италијанската амбасада.
Вештакот беше дециден дека е невозможно двата броја истовремено да биле користени од исто лице на различни локации, бидејќи за краток период имало обид за воспоставување на комуникација од различни базни станици, што значи Нинџа ги немал во себе двата негови мобилни телефони.
Со сведочењето на вештакот се побија претходните различни сведочења на Нинџа, дека на 27 април бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ околу 17 часот, според една верзија, околу 18:00 часот, како што тврдеше во друга верзија, односно 18:45 часот, како што тој тврдеше во трета верзија.
Која и верзија од четирите на Нинџа да се земе дека е вистинита, иако самото постоење на четири верзии укажува дека сведокот Нинџа лажел, не е поткрепена со материјални докази и податоци како презентираните од базните станици од страна на професорот Котевски.
Она што е нејасно е зошто самата обвинителка Рускоска не нарачала вакво вештачење уште во првиот случај, во кој со помош на сведочењето на докажаниот сведок-соработник Нинџа, 15 луѓе беа осудени на над 200 години затвор, како и прашањето зошто судијката Добрила Кацарска не увидела ваков евидентен факт, туку својата пресуда ја темели во огромен дел на евидентно лажното сведочење на Василевски-Нинџа?
Котевски, исто така, објави и дека Нинџа имал еден неуспешен обид за комуникација со Спиро Ристовски. Имало само појдовен повик, но не и остварена комуникација, поточно Ристовски не одговорил. Овој повик, исто така, не е забележан од мобилните оператори.
Comments are closed for this post.