И покрај коронакризата и проблемите што ги има државата и компаниите, работниците треба да очекуваат да им биде исплатен регрес за годишен одмор до крајот на горинава. Според пресметките, минималниот изос на регресот изнесува 10.884 денари. Сепак, компаниите кои не оствариле добивка годинава не се обврзани да исплатат К-15, но за тоа треба да ги информираат работниците. Синдикатите најавуваат тужби како за приватниот, така и за институциите кои нема да ја реализираат обврската.
Приватниот сектор кој со години веќе исплаќа К-15 на вработените веќе ги знае обврските и има исклучоци на компании кои не им го исплаќаат регресот на работниците. Кај дел од нив ударот на коронакризата е посилен и потешко можат да ја реализираат оваа обврска.
Иако е крај на годината, синдикатите сѐ уште не располагаат со податоци колку од фирмите кои требало да исплатат регрес не го сториле тоа. Првични податоци од нив можат да се очекуваат на почетокот на следната година.
Кај малите фирми од секторите угостителство, туризам и дел од транспортот кои сѐ уште ги трпат последиците од пандемијата секако ние како синдикат не очекуваме дека ќе можат годинава да исплатат К-15. Но, тоа се само мал дел од компаниите, односно оние кои беа опфатени со мерките на владата. А според она што го имаме како податок, 30 отсто намален приход имаат само 30 отсто од компаниите кои аплицираа за поддршката на Владата. Останатите 70 отсто ќе треба да го исплатат регресот до крајот на годинава – вели претседателот на Конфедерацијата на самостојни синдикати, Благоја Ралповски.
Според него, компаниите кои до крајот на годинава нема да исплатат К-15 ќе се соочат со тужби од страна на работниците, а синдикатот ќе ги поддржи во тоа.
Од годинава и вработените во државната администрација треба да исплатат К-15, но Владата се повикува на одлука на седница од април годинава и одбегнува да ја реализира обврската.
Синдикатот на УПОЗ кој го потпиша Колективниот договор за државната администрација на почетокот на годинава, пак, со став дека одлуката не е повисок акт од Колективниот договор и Законот и бара Владата да го исплати регресот на околу 25.000 вработени во државната администрација.
Сѐ уште преговараме со Владата и Министерството за информатичко општество и администрација за да најдеме начин како да се реализира ова право на раобтниците. Наш став е дека Владата е обврзана да го исплати износот од 9.000 денари за оваа група, но бараме начини како тоа да се направи и да нема последици врз буџетот – вели Трпе Деаноски од УПОЗ.
Деаноски појаснува дека според Колективниот договор обврската за исплата на К-15 и во државната администрација треба да се реализира до 31 декември во тековната година и синдикатот како потписник на тој договор стои до крај.
Сепак, ќе видиме што ќе договориме, иако знаеме дека ниту во буџетот, ниту со ребалансите на буџетот за 2020 година Владата не обезбеди пари за исплата на регрес за годишен одмор. По истекување на рокот како синдикат ќе се договориме што ќе преземеме натаму – вели тој.
Претседателот на КСС Ралповски, пак, вели како и работодавачите кои треба да исплатат К-15 во приватниот сектор, а не го исплатиле, така и Владата односно институциите кои нема да им исплатат регрес на работниците ќе бидат тужени.
Ако Владата и со дискриминирачкиот Колективниот договор што го потпиша се обврза да исплати К-15, тогаш тоа треба да го реализира, а не со некаква Одлука која не е на ниво на закон како колективниот договор, да бара да биде поштедена. Ние како синдикат кој има членови во државната администарација ќе ги поддржиме работниците да тужат. Не може на секој чекор и со одлуки на влада да се укинуваат стекнатите права на работниците со закон и Колективен договор кој е еднаков на закон – додава Ралповски.
Според Колективниот договор, работниците имаат право да тужат за да го добијат предвидениот износ, а според Законот ова побарување на работниците не застарува во рок од три години, односно до 31 декември 2023 година до кога Владата може да ја одлага исплатата на парите за К-15.
Законот предвидува и казна до 4.000 евра за работодавачите кои нема да дадат К-15 или пак ќе го побараат назад од вработените.
Основен услов кој треба да го исполни еден работник да добие К-15 е најмалку 6 месеци да работи во календарската година кај ист работодавач.
извор: Плусинфо
Comments are closed for this post.