Давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо, изјави денеска премиерот Зоран Заев, по вчерашното скандалозно интервју за бугарската агенција БГНЕС.
И во тоа е апсолутно во право. Но, ако малку се потрудел и прочитал нешто, многу добро ќе знаел дека актуелизира нешто, што било расчистено уште со и во Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ.
Тоа многу добро е објаснето од страна на командантот на Главниот штаб, генерал Михајло Апостолски, во брошурата посветена на Манифестот, објавена уште во март 1968 година во рамки на библиотеката „Светлини на минатото“ во издание на тогашната Радио-телевизија Скопје.
Но, еве што пишува генерал Апостолски:
„…Со изнесувањето на положбата на окупаторот се разобличува и улогата на големобугарските фашисти, нивните односи со германските фашисти се именуваат со „…долни слуги на Хитлеровиот фашизам“ – се укажува на фактот дека тие „се наоѓаат пред капитулација“. Меѓутоа, кога се говори за бугарските фашистички окупатори, нужно е да се истакне дека секогаш во сите документи во раководствата на НОБ во Македонија и целосно во Југославија, јасно се разграничува бугарскиот народ од бугарските фашисти и се укажува дека и самиот бугарски народ води борба против германските и бугарските фашисти. Ова во Манифестот се констатира со зборовите:„што повеќе се приближујат до границите на Болгарија братските словенски руски армији и што појак е притисокот на народноослободителните востанички дружини на братскиот болгарски народ, се повеќе се разјадуе болгарската клика и нејзините слуги сред редовите на македонскиот народ“.
И покрај ваквите констатации за бугарските фашистички окупатори и за појавата и на бугарските востанички дружини, сепак се укажува дека со бугарските окупаторски фашистички власти и војска во Македонија стојат „уште многу тешки и остри борби“. Со ова се истакнува потребата македонскиот народ уште повеќе да се мобилизира во ослободителната борба, со сите сили да се напрегне во изгонувањето на окупаторите, а посебно се нагласува нужноста за „…бездруго да ги испадиме големоболгарските окупатори од нашата татковина“. Но, веднаш по ова, со една голема ширина и политичка зрелост се одредува и односот кон бугарскиот народ, кој исто така стекнаше под јаремот на сопствениот фашизам. Поради ваквите сфаќања за положбата на бугарскиот народ и за односите со него, не само во раководствата на НОБ во Македонија, а општо и во цела Југославија, туку поради истите гледања и сфаќања и кај борците и кај целиот македонски народ, може да се разбере далековидната мисла за односите со бугарскиот народ кога по повикот да се изгонат големобугарските окупатори од татковината на македонскиот народ, се констатира дека „…ние ќе направиме братство и единство со болгарскиот народ…“
Во периодот, кога бугарските фашистички окупатори правеа огромни злосторства, палеа села, вршеа масовни убиства на селани и граѓани, масовно инетрнираа и деца и старци, изнесувањето вакво гледање за развивање на односите со бугарскиот народ, а притоа со знаење дека и во поранешните периоди бугарската буржоазија на македонскиот народ му нанесла големи зла, – говори само за високата политичка свест кај широките слоеви на македонскиот народ-кој сосема јасно го разликуваа бугарскиот фашизам и фашисти како слуги на германските фашисти од бугарскиот народ. Во периодот кога се водат жестоки борби со бугарските фашистички војски истовремено да се истакнува единството со бугарскиот народ укажува на голема доверба, што Партијата и општо раководството на НОБ ја имаше меѓу широките маси…“.
А, за улогата на Тито и на бугарската војска во ослободувањето на Македонија и Југославија, Маршалот во интервју за весникот „Борба“ од 22 декември 1976 година, меѓу другото, ќе каже:
-Иако немаше оперативни причини за учество на бугарската оточественофронтовска армија во операциите на југословенска територија, во разговорите од 05 октомври 1944 година во Крајова и излеговме во пресрет на молбата од бугарската влада да и се даде можност за рехабилитација на Бугарија со учествување на нејзините единици во борбата против Германците.
Comments are closed for this post.