Откако првообвинетиот Бојан Јовановски денеска уште еднаш побара изземање на судијката обвинувајќи ја дека е политички инструирана, судењето продолжи со изведување материјални докази од Обвинителството

Претседателот на Основниот кривичен суд во Скопје, Иван Џолев, го одбил барањето на Бојан Јовановски-Боки 13 за изземање на судијката Софче Гаврилова-Ефремова од постапување во предметот „Меѓународен сојуз“.

Одлуката на почетокот на денешното рочиште ја соопшти судијката, откако Јовановски ова барање го поднесе на минатото рочиште.

Веднаш потоа, Јовановски побара збор и излезе со ново барање за изземање на судијката, но и на судиите поротници, бидејќи обвини дека целиот судечки совет е политички инструиран. Изнесе и обвинувања за претседателот на судот, Џолев.

Поднесувам ново барање поради основано сомневање дека судијката е политички инструирана и поврзана со претседателот на овој суд за кој знам добро како е избран оваа функција. Се сомневам дека се работи за политички предмет, дека овој судечки совет е контролиран од политичките власти, од премиерот Зоран Заев и сите останати високи функционери“,објасни Јовановски.