Веле Смилевски македонски поет, есеист, литературен критичар, професор, научен работник и бивш најдолгогодишен во историјата претседател на Друштвото на писателите на Македонија напиша песна „Европа го зборува мојот мајчин јазик“, посветена на европските поети добитници на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, чии опуси се објавени на македонски јазик.
Во продолжение ви ја пренесуваме песната на Смилевски.
ЕВРОПА ГО ЗБОРУВА МОЈОТ МАЈЧИН ЈАЗИК
Песна посветена на европските поети добитници на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, чии опуси се објавени на македонски јазик
Европа го зборува мојот мајчин јазик
додека Никита Станеску на истекот на Црниот Дрим ни вели:
Јас сум само една дамка крв која зборува.
Европа го зборува мојот мајчин јазик
додека Ив Бонфоа го бара тажното место
каде блеска песната на сонот.
Европа го зборува мојот мајчин јазик
Додека Ханс Магнус Енценсбергер го допишува
упатството за Сизиф прелеано со тешка благост.
Европа го зборува мојот мајчин јазик
додека Рафаел Алберти го преведува здивот
на слободниот ветер и одекот негов.
Европа го зборува мојот мајчин јазик
додека Артур Лундквист му се препушта на мигот
единственото што го имаме и постојано го губиме.
Европа го зборува мојот мајчин јазик
додека Тадеуш Ружевич крај езеро, в зори
ја пишува песната за блиските нешта в далечната шир.
Европа го зборува мојот мајчин јазик
додека Тет Хјуз потсетува: во морето со грапчења
никој не се збогатил, станува само споменик на мртвите.
Европа го зборува мојот мајчин јазик
додека Љубомир Левчев се оддалечува од улицата „Безимена“
предупредувајќи: на неа живее крајот.
Европа го зборува мојот мајчин јазик
додека Хусто Хорхе Падрон во шума од книги
насетува толпа која страда, старее и умира.
Европа го зборува мојот мајчин јазик
додека Ферен Јухас во стих црта пеперуга
што како ѕвезда в божја насмевка предупредува.
Европа го зборува мојот мајчин јазик
додека Блаже Конески седнат на меѓа во татковата нива
со кротка реч кажува проста и строга македонска песна.
Европа го зборува мојот мајчин јазик
додека сеќавање не мори
како Едоардо Сангвинети на истекот од Црниот Дрим
со растреперена рака напиша:
Живеам за да сфатам зошто живеејќи
пишувам за да сфатам зошто пишувам!
И дури потоа одлета назад, преку Морето
во кое се влива Дримот.

Веле СМИЛЕВСКИ

ЕВРОПА ГО ЗБОРУВА МОЈОТ МАЈЧИН ЈАЗИК

Песна посветена на европските поети добитници на Златниот венец…

Posted by Vele Smilevski on Monday, November 16, 2020