Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“ и Младинскиот културен центар од денеска и во наредните два дена со почеток во 19 часот ја организираат програмата „Музичка култура“ – серија од три настани посветени на тројца домашни електронски музички продуценти – Дева, Мирко Попов и Роботек.
Програмата вечер ќе почне со Дева (Виктор Ирвин Иванов), утре е Мирко Попов, а в сабота – Роботек (Горан Атанасовски). Со секој од нив Виолета Качакова накратко ќе разговара за музиката, творечкиот процес и можностите за работа, по што ќе следува настап во живо со нов материјал. Настаните ќе се пренесуваат онлајн преку социјалните мрежи на „Локомотива“ и Младинскиот културен центар.
Трите настани се посветени на тројца современи македонски автори од различна генерација, чија работа се движи на линија помеѓу светската и локалната, автохтона култура во полето на електронската музика. Секој настан ќе почне со краток разговор во кој ќе се запознаеме со авторот, неговото творештво и актуелен процес на работа, но и со можностите за креација и настапи на независните музичари кај нас, особено сега – во пандемски услови, соопштија организаторите.
Comments are closed for this post.