Македонскиот народ е постар од современата македонска држава, порача претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев на на свечениот собир што се одржа во чест на Димитрија Чуповски и Македонското научно-литературно другарство во Петроград. Обраќањето на академик Коцарев беше своевиден одговор на актуелниот конфликт со Бугарија, кој води кон ново вето за македонскиот евроинтеграции. Коцарев посочи дека е неспорен факт дека Македонија била окупирана од Бугарија во текот на Втората светска војна, и дека Бугарија била сојузник на Третиот Рајх, како и дека неспорно најголемиот дел од населението на тогашната Вардарска бановина се чувствувале како етнички Македонци.
Востанието, со кое започнува ослободувањето на македонскиот народ од нацистичко-фашистичката окупација, претставува камен-темелник, меѓа во борбата за самобитност и самостојност на Македонците. Денес, за жал, сме сведоци на негирање на овој настан, на негирање на постоењето на македонскиот народ и на ослободителниот и антинацистичкиот-антифашистичкиот карактер на востанието, порача Коцарев, кој се повика на континуитетот на Разловечкото и Кресненското Востание, при кои востаниците се повикувале на слобода за Македонија и Македонците. „Македонското име, јазик, култура, идентитет, историја, национална свест и самобитност се суверено, нераскинливо и неотуѓиво универзално колективно право на македонскиот народ. Парадоксално и, за жал, дел од овие права ги загубивме во потрага по античкото минатото, а дел во име на европската иднина. Време е за национален консензус за сите овие прашања“, додаде Коцарев.
Професорката Катица Ќулафкова посочи дека едиствените фактори кои манипулираат „со фактите поврзани со македонската културна и национална историја, македонското име и јазик“,се оние кои имаат „некакви нелегитимни претензии спрема Македонија, оние кои имаат присвоено дел од македонската територија, народ и историја“. За создавањето на Македонското научно-литературно другарство во Петроград, кое Коцарев го спореди со создавањето на првата македонска научна академија, Ќулафкова кажа дека во неговата основа било признавањето на историскиот континуитет на македонскиот народ.
Ова Друштво претставува најдобар пример за тоа како македонската кауза прераснала во научна парадигма. Таа подразбира меѓународно признавање на македонската самобитност и неговата словенска доминанта; правата на Македонците за автономна држава во рамки на македонската традиционална историска и етно-географска територија; територијален и етнички интегритет и по цена на останување во рамки на Отоманската империја или во составот на некоја нова словенска или друга балканска федерација; слобода и правда за сите граѓани, а не само за етничките Македонци; целовитост на македонската територија и, со тоа, конституирање на македонска нација според европскиот образец. Од друга страна, ни Чуповски, ни Мисирков, не гледаат дисконтинуитет во историскиот развиток на македонската култура. Напротив, се повикуваат на античката епоха, вклучително и на античката македонска цивилизација како на сегмент од општата историја на Македонија. На црвено-белото знаме на МНЛД, кога се пререгистрира под називот „Кирил и Методија“, поставен е симболот на коњот на Александар Македонски, а самиот Чуповски, како приврзок на својот рачен часовник носел стара монета со ликот на Александар, рече Ќулафкова.
Професорката Ганка Цветанова се осврна на меморандумот на другарството во Петроград од 1902 година, во кој се бара отфрлање на сите странски, антимакедонски пропаганди кои дејствуваат во регионот Македонија, на издигнување на македонскиот јазик на ниво на литературен јазик, обнова на Охридската архиепископија и признавање на Македонците како одделна словенска народност.
Меморандумот на Другарството е всушност идеолошката платформа врз којашто се темели книгата на Крсте Петков Мисирков „За македонцките работи“. Четири од петте поглавја објавени во книгата се реферати кои Мисирков ги читал на состаноците на Другарството во Русија. Оттука, може да се каже дека книгата, иако отпечатена во Софија во 1903 година, всушност била создадена во Русија, како дел од научните и политички активности на Мисирков во рамки на дејноста на Другарството. Како извонредно значаен историски факт фигурира податокот дека во книгата „За македонцките работи“ е објавена првата студија на современ македонски литературен јазик и фонетски правопис. Свесен дека во јазикот е содржано целокупно постоење и колективната меморија на народот, Мисирков ќе потенцира дека не случајно „покорителите“ – како што тој ги нарекува – инсистираат „покорените“ да се откажат од својот јазик, затоа што – да се откаже човек од својот народен јазик, значи да се откаже и од својот народен дух. Да се откаже од својот народен дух, пак, значи – да се откаже од својата народност и припадност, со еден збор: да се откаже од самиот себе, рече Цветанова.
На одново актуелизираните тврдења дека тогаш не постоела македонска народност, Цветанова посочи на цитатите на Мисирков и Ватрослав Јагич, според кои јужнословенските јазици претставуваат „верига“ од наречја и според која сè до формирањето на бугарската, српската, хрватската и словенечката држава, нивните жители се нарекувале со едно име – Словени.
Според тоа, ако формирањето на Јужните Словени во посебни народности е механичко-политички процес, Мисирков прашува зошто истиот тој процес не би бил возможен за формирање и на посебна македонска народност: „…Тоа можит да се забелижи на тије, шчо вељат дека никога немало македонцка народност. Немало, ама ја имат сега и ќе бидит за однапред“, рече Цветанова.
Comments are closed for this post.