Граѓаните кои навлегле во јазот на презадолженоста наскоро ќе може да прогласат личен банкрот и проблемите со долговите да чекаат да им ги реши стечаен управник. Идејата кога уште од 2008 година на големо се заговара од сите влади, но до сега не е реализирана, новата влада уште во предизборната кампања најави дека ќе ја реализира. Што значи личен банкрот?

Граѓаните кои веќе не можат да си ги плаќаат долговите, да можат сами да побараат отворање на стечајна постапка врз нив. Барањето оди на Суд кој утврдува дали има основ за личен стечај, се прави попис на целиот движен и недвижен имот и се одредува стечаен управник. Се она што претходно било во рацете на должникот од тој момент го презема стечајниот управник, кој треба да направи план како да го врати долгот. Тој располага со сите луксузни предмети, како автомобил, ниви кои ги поседува должникот и прави план за отплата на долгот. Нјачестo отплатата треба да заврши за 3 или 5 години. После реализирањето на планот на отплата, сите останати неподмирени трошоци се бришат.

Според некои решенија кои претходно се разгледуваа можно е стечајниот управник, доколку должникот нема редовни месечни примања, да почне да го продава имотот од стечајната маса за да ги исплати доверителите. Но, не смее да го остави должникот без минималните приходи потребни за основните животни потреби. Законското решение треба да ги предвиди сите минимални потреби на должниците, што смее да влезе, а што не во стечајна маса. Што ќе се смета за луксуз,а што за неопходност?!Колку ќе биде рокот за отплата, и колкав процент од долговите ќе моќат да се избришат?! Уште тогаш се отворија дилемите дали телевизор, телефон се луксуз или потреба.

Новата влада во програмата веќе предвиде нов закон за личен стечај, но на терен се уште не се почнати подготовките за негово носење. Кој модел ќе се користи, чии искуства ќе се земат во предвид, за сега никој не знае. Од Министерството за економија за „Денар“велат дека прво треба да се донесе Законот за стечај, а после да се види дали има потреба од нов закон или личниот стечај ќе влеза како дел во него.

Во моментов како надлежно министерство сме насочени кон подготовка на потребна документација и следни активности околу донесувањето на новиот Закон за стечај како и подзаконските акти. Веднаш по усвојување на законот во Собранието, паралелно со подготовка на подзаконските акти, постојат можности да се започне со активности околу донесување на нов, посебен Закон за личен стечај, или евентуално нова глава која би се додала во Законот за изменување и дополнување на Законот за инсолвентност (стечај). За да се започне со активностите во однос на Личен стечај, ќе претходат анализи, јавни расправи и дискусии“, велат од Министерството за економија.

Инаку во програмата на новата влада стои ветувањето за нов Закон за личен стечај како модел за заштита на животните потреби на должникот преку неизвршување на неговиот долг во определена висина, спречување на нови задолжувања, но и на доверителите, кои ќе можат да наплатат реална вредност. Со ваков закон нема да се креира систем на должничка спирала – сметаат креаторите на програмата.

 

извор:денар.мк