Традициониалната културна манифестација Денови на македонската поезија во Шведска, што секоја година се одвива под покровителство на Македонскиот сојуз во оваа скандинавска земја, го одбележа својот тридецниски јубилеј во просториите на Македонската амбасада во шведската престолнина Стокхолм.
Јубилејното издание на оваа единствена манифестација од таков вид во редовите на македонската дијаспора во Западна Европа, за чија програма во изминатите неколку години се грижи Македонското поетско друштво “Дениција“, го отвори македонската амбасадорка во Кралството Шведска, Мира Крајачиќ.
Оваа манифестација секако оди во прилог на духовната поткрепа и билатералните односи и соработка помеѓу двете држави и народи, а во овие моменти на премрежја нејзината улога можеби е најважна и како активен чинител во одбраната и афирмацијата на македонскиот јазик, идентитет, нација – нагласи амбасадорката Крајачиќ во своето обраќање.
Во поетското читање настапија десетина поети од различни генерации, кои прочитаа стихови од зборникот на друштвото “Дениција“, што под наслов „Калемење на светлината“ беше објавен лани со поддршка од Агенцијата за иселеништво на РСМ.
Во изминативе три децении во програмата на манифестацијата учествувале голем број значајни творечки имиња од Македонија. Во последните години имавме и повеќемина учесници од помладата генерација македонски поети, во чии рамки во последниве години се случуваат интересни бранувања кои се повеќе се наметнуваат во македонскиот книжевен простор и заслужуваат да бидат поддржани – вели Ивица Челиковиќ, секретар на Македонскиот сојуз во Шведска.
Comments are closed for this post.