Талентирани музичари, филмаџии и графички дизајнери од Македонија може да се пријават на глобалниот Филмски музички натпревар 2018 (ФМН). Ова случување стартува утре, а домаќин е Република Словачка. Станува збор за единствен меѓународен натпревар за креатори на оригинална филмска и телевизиска музика, композитори, бендови, музичари, продуценти, солисти, автори на краткометражни филмови, видеа и графика, без ограничувања на старосната граница, националноста или земјата на живеење.

Проектот ФМН беше единствен од ваков вид претставен на меѓународните партнери, филмските национални центри, како и делегации од различни земји на 71-от филмски фестивал во Кан. Наменет е за оригинални филмски или телевизиски авторски композиции, како и инструментални композиции и  краткометражни филмови и видеа. Целта е да се овозможи на нови или професионални музичари, режисери, креатори на филмови, видеа и графика, да го испратат својот труд на меѓународиот натпревар преку интернет, од удобноста на нивниот компјутер или студио. Да дозволат да бидат оценувани од страна на меѓународното жири, составено од експерти од музичката и филмската индустрија – соопштија од Амбасадата на Словачка во Македонија.

Финалето на проектот ќе се одржи во форма на големо гала-финале и филмски проекции во атрактивниот историски словачки град Кошице. За апсолутните победници ќе одлучи професионалното меѓународно жири кое го сочинуваат експерти од целиот свет поделени во  различни категории на натпреварот.

Според организаторите, преку натпреварот треба да се постигне меѓународна соработка на културно ниво помеѓу Република Словачка и државите вклучени во овој проект.