Обвинителот не треба да се бира со политички договор, нагласи министерот за правда Бојан Маричиќ, одговорајќи на новинарско прашање за барањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, новиот републички јавен обвинител, односно наследникот на Љубомир Јовески, да биде токму на предлог на опозицијата. Маричиќ додаде дека за ваквото барање неопходна би била и промена на Уставот.
Согласно процедурата и Уставот, Владата го предлага, а Собранието го избира главниот обвинител со апсолутно мнозинство. За да се промени таа процедура треба да се промени Уставот. Сметаме дека не е време за тоа, изјави министерот за правда.
Според Маричиќ принципот на новата владина гарнитура е политиката да биде што подалеку од овие процеси. Воедно потсети дека опозиционерите имале прилика да постигнат договор за назначувањето на Вилма Русковска, кога се изготвувало новото законско решение, односно новиот Закон за јавно обвинителство.
Имавме прилика кога се создаваше Законот за јавно обвинителство, да најдеме заедничко решение за обвинителот за гонење на висока корупција и организиран криминал, но и тогаш не се договоривме. Нашиот принцип е политиката да биде што подалеку од изборот на обвинителите и тоа го утврдивме во Законот за јавно обвинителство. Имаме професионален државен јавен обвинител којшто си ја врши својата работа согласно законот. Опозицијата ќе има прилика да учествува во спроведување на антикорипциските политики доколку тоа го сака, но политичарите не треба да бираат обвинители со политички договор, заклучи Маричиќ.
Инаку, во ноември се очекува првиот обвинител Јовески да замине во пензија, а според најновиот закон за ЈО, Јавниот обвинител на Македонија го именува Собранието, по предлог на Владата, за време од шест години со право на повторно именување, а останатите обвинители ги избира Советот на јавни обвинители, без ограничување на траење на мандатот.
Comments are closed for this post.