Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година загуби со 0:1 од Шпанија во натпревар од квалификациите за Европското првенство, одигран на националната арена „Тодор Проевски“.
Шпанија со гол на Дуро од пенал во 82. минута ги завери трите бода, а Димитар Митревски во 87. минута промаши од белата точка за македонската репрезентација и ја пропушти шансата да донесе бод против големиот фаворит.
Екипата на Благоја Милевски беа рамноправен противник на „фуријата“, откако гостинот не создаде посериозна шанса, но сепак дојде до победата благодарение на голот од пенал.
Следниот меч за „жолто-црвените“ е на гостински терен со Фарски Острови.
Кога ќе ги собереме впечатоците, горд сум на овие момци. Покажаа како треба да се игра против една Шпанија. Сите треба да бидеме горди, зашто овој тим има потенцијал и квалитет за да напредува и да биде конкурентен во европски рамки, изјави вечерва селекторот на македонската репрезентација до 21 година, Благоја Милевски по минималниот пораз од фаворизираната репрезентација на Шпанија.
– Нашата примарна работа е да селектираме и да создаваме репрезентативци кои ќе имаат потенцијал за да напредуваат во иднина и да бидат дел од А репрезентацијата. Поголем дел од фудбалерите покажаа дека може да се смета на нив во иднина, посочи селекторот.
Милевски за следниот дуел со Фарски Острови изјави дека слаби тимови денеска не постојат и ако не се влезе максимално подготвен на било кој натпревар, тогаш не може да очекувате поволен резултат.
Comments are closed for this post.