Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за покачување на цената на електричната енергија е скандалозна, а уште поскандалозен беше обидот на тие што одлучуваат да ги убедат жителите дека С. Македонија имале најниска цена во Европа. Кога се прави ваква споредба, цената на електричната енергија треба да се спореди со просечната месечна плата, и излегува дека имаме една од најскапите цени во Европа.
Исто така, останува нејасна методологијата што се користи за пресметување на цената на струјата и како се контролира нејзината имплементација со цел да се обезбеди најреална цена, при што се зема предвид и нивото на задоволство на граѓаните од услугата што ја добиваат од дистрибутивните компании, пишува „Порталб.мк“.
„Безбедно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија, заштита на животната средина и природата, заштита на потрошувачите, заштита и унапредување на дејствувањето на вработените во енергетскиот сектор и заштита на пазарот на енергија врз основа на принципите на објективност, транспарентност и недискриминација“, се работите за кои треба да се грижи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која според закон е независно тело, кое донесува одлуки независно од другите власти.
Регулаторната комисија овој пат среде глобалната здравствена и економска криза што ја погоди Северна Македонија ги „заштити“ граѓаните од интересите на компаниите со тоа што ја поскапи цената на електричната енергија за рекордни 7,42 отсто во време кога високоразвиените земји ги намалуваат цените.
Според методологијата за утврдување на цената на електричната енергија, Комисијата не ја зема предвид економската состојба на граѓаните, нивото на платите, (не)задоволството на потрошувачите или кризата во која се наоѓа државата. Секако, поскапувањето е направено за компаниите за производство и дистрибуција на електрична енергија да не работат со загуба, иако граѓаните со кризата на ковид-19 се економски оштетени.
Оваа одлука на Регулаторот е во интерес на компаниите и на штета на граѓаните, а не треба да биде така. Таа одлука мора да се разгледа, бидејќи Регулаторот не може да се грижи повеќе за профитот на компаниите отколку граѓаните. Дури и ако компаниите споменати од РКЕ имаа загуби, криза е, сите компании ќе имаат загуби. Дали граѓаните треба да се грижат за оние милионерски компании што со години остваруваат профит, или треба да се грижиме за обичните граѓани? Значи, и ЕВН, и ЕЛЕМ и МЕПСО, во изминатите години остварија огромни профити. На пример, минатата година ЕВН имаше 36 милиони евра, ЕЛЕМ 3 милиони евра, но една година пред тоа 30 милиони, што не се мали пари – затоа не зборуваме за компании што ќе исчезнат, но зборуваме за компании кои имаат многу пари на сметката и сега во оваа криза тие треба да имаат уште неколку кризи – нема да бидат изгаснат, така што државата не треба да ги штити овие компании, туку граѓаните – вели за „Порталб.мк“ универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ.
Претседателот на РКЕ во разговор со новинарот на „Порталб.мк“ се правда дека тие го штитат потрошувачот со тоа што не ги одобруваат барањата на компании во целост, но според него, овие компании мора да функционираат бидејќи мора да обезбедат електрична енергија.
Ова зголемување на цената на енергијата е само за компаниите да ја завршат годината на нула и да обезбедат снабдување со електрична енергија, до следната година ако повторно се вратат профитите што ги имаа, ќе го намалиме, тоа не е проблем. За заштита на потрошувачите, исто така, усвоивме прописи за снабдување со електрична енергија, можете сами да го прочитате мерачот на електрична енергија, ние имаме одобрено регулативи за компензација ако не сте задоволни со снабдувањето, така што ЕВН може да биде тужена и сето тоа функционира, но граѓаните не користат права. И МЕПСО бараше зголемување од 70 отсто на нивната цена, не можеме да им кажеме на компаниите да ги затворат и да работат со загуба. Поентата е компаниите да преживеат, тие нема да работат профитабилно. Добивката што ја имаат од минатата година, ја пресметуваме годинава. Им ја земаме, за да нема поголемо зголемување на цените. Оние што заработија дополнителен профит како МЕПСО и ЕВН-хоме ние ги земаме од нив. На пример, од ЕВН-хоме зедовме 5 милиони евра – вели Бислимовски.
Синдикатите и граѓанските организации воопшто не се согласуваат со ставот на РKE да ги зголеми цените поради намалување на профитот на компаниите.
„Ние сме револтирани затоа што одлуката е донесена во екот на најголемата криза во последно време, кога илјадници луѓе ги загубија своите работни места или им се намалија платите, како и во време кога се откриени разни проневери од компании кои добиле државна помош и не им исплатиле плати на вработените. Ваквата штетна предлог-одлука уште еднаш потврдува дека најголемиот удар од кризата ќе биде врз економски погодените луѓе и работниците“, реагираат невладините организации и синдикатите.
Цената на струјата, што ги изгоре граѓаните
Со одлуката на РКЕ, цената на електричната енергија се зголеми за 7,42 отсто и ќе чини 5,9 денари по киловат, а ќе продолжи да важи и евтината тарифа која ќе чини 2,9 денари по киловат. Новата цена граѓаните ќе ја плаќаат од септември и истата ќе биде во сила 1 година.
Директорот на РКЕ Бислимовски вели дека Комисијата работи според правилниците и методологијата за утврдување на цената за електрична енергија, прашањето на нивото на платите и економската состојба во земјата не се однесува на нив туку на владите. Тој решението го гледа во отворање на разговорите за намалување на ДДВ-то за електрична енергија.
Регулаторната комисија работи согласно методологијата и правилникот и никаде во светот не се зема предвид колку е просечната плата. На пример нашите претпријатија како што е МЕПСО, кога купува опрема – трансформатор од Сименс (Siemens), им го продаваат според цената во Германија, значи како што е во светот. На пример, ако купите Голф во Германија нема да ви го продадат поевтино во Македонија затоа што просечната плата е ниска. Инаку цената на електричната енергија во Македонија е меѓу најниските во Европа и Регулаторната Комисија нема надлежност за платите – рече Бислимовски.
При утврдувањето на цената на електричната енергија, РКЕ не ја зема во предвид економската ситуација во земјата, кризата, нивото на платите или вработените, туку тие одлучуваат според методологијата која е фокусирана на интересот на компаниите.
Во текот на утврдување на цената треба да се земе во предвид економската состојба што очигледно не го прават, ова е голема грешка. Тие го гледаат интересот на компаниите. Ние не знаеме зошто регулаторот ја зголемил цената на електричната енергија, не излегоа со детални објаснувања, значи немаше некоја јасна анализа зошто тоа го прават. Целиот процес беше спроведен на нетранспарентен начин и одлуката беше донесена во текот на ноќта, без никаква најава, ова е неприфатливо бидејќи ова не е еден денар, или како цената на дериватите која се менува секоја недела. Ова е сериозно прашање и се направи на многу лош начин. Друг проблем е тоа што ние немаме влада, кој е одговорен за ваквата мерка? Кон кого да го впериме прстот? Бислимовски е технички кадар и оваа одлука е политичка. Значи се осиромашуваат луѓето и никој не е виновен. Она не може да не е политички, уште повеќе кога се носи ваква одлука веднаш после изборите – вели професорот Јовановиќ.
Меѓутоа, Бислимовски вели дека РКЕ е независно тело кое донесува независни одлуки и според него, “некоректно” е политичарите да се фалат со одлуките на РКЕ.
РКЕ сметаат дека со новата цена, граѓаните ќе плаќаат 100 денари за сметка од 1.500 денари. Но, оваа цел не е реална бидејќи во просек граѓаните трошат 2.500 денари и со ова излегува дека приближно секое домаќинство ќе плаќа по 200 денари повеќе месечно за сметката за електрична струја.
Во пазарот за електрична енергија во 2019 година, вкупно во целата држава, на домаќинствата им се продадени вкупно 275 милиони евра, односно кога ќе се подели со околу 500.000 домаќинства кај нас, приближно секое семејство има просечна сметка од 2.500 денари. Во 2.500 денари 7.4% не се 100 денари, туку се околу 200 денари. Така да просечно ќе се зголеми на 200 денари, што можеби не е многу за слојот со просечни и високи приходи, но во државата имаме 100.000 луѓе кои живеат со помалку од 40 денари дневно значи крајно сиромашни и 350 илјади други кои исто така се сиромашни и треба да ги заштитиме – вели професорот Јовановиќ.
Една од земјите со највисока цена на струја во Европа
Според статистиките на Евростат, Северна Македонија е на четвртото место со највисока цена на енергија, споредено со процентот од просечната месечна плата.
Пониски цени имаат Романија, Литванија, Бугарија и Македонија, а најниски цени имаат Исланд, Норвешка, Луксембург и Финска.
За разлика од земјава, која среде кризата ја поскапи струјата, неколку од поразвиените европски земји создадоа олеснувања за нивните граѓани во ова време на пандемија.
Шпанија во текот на кризата, за сиромашните обезбеди загарантирана достапност на електрична енергија, вода и гас, дури иако не ги платат сметките.
Италија ги суспендираше фактурите за струја, гас, вода и отпадоци за два месеца.
Белгија, на домаќинствата им додели до 100 евра за сметките за вода и 75 евра за сметките за гас.
Словенија ја намали цената на електричната енергија за домаќинствата за 20 отсто.
Поскапувањето на струјата, како што велат од РКЕ, следи по барањето на енергетските компании поради проблемите што ги предизвика ковид-19. ЕСМ има намалување на приходите за 17 милиони евра од продажба на електричната енергија, а МЕПСО за 11 милиони евра. РКЕ ја усвои цената на електричната енергија, во која се вкалкулирани и трошоците на МЕПСО за пренос и дистрибуција на електричната енергија, МЕМО за организација и управување на пазарот на електрична енергија, но и за трошоци за трошење и снабдување со електрична енергија.
По покачувањето на цената, најавени се протести во Тетово, Гостивар и Чаир за четврток (6 август), со почеток од 19:00 часот.
Comments are closed for this post.