Четириесет домашни компании ќе добијат неповратна финансиска и советодавна помош во рамки на јавниот повик од иницијативата „Ecommerce4All” која се реализира од страна на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Избраните апликанти ќе добијат помош за отворање своја е-продавница со сопствено софтверско решение или како дел од постоечки локален онлајн пазар, соопшти денеска АЕТМ.
Вкупниот буџет за повикот изнесуваше 2.240.000 денари (40.000 долари). Ќе биде распределен на 40-те избрани компании, односно 1.000 долари по апликант, од кои 50 проценти финансиска помош и 50 проценту консултантска помош од страна на избраните онлајн пазари или ИТ компаниите кои ќе ги изработуваат самостојните e-продавници.
На јавниот повик за само 10 дена биле пријавени повеќе од 200 компании, чии апликации ги оценувала комисија составена од експерти од областа на е-трговијата.
Е-трговијата има клучна улога во развојот на економијата, особено во непридвлидливи времиња како овие кога компаниите се обидуваат да ги одржат своите бизниси. Поддржувајќи ги компаниите да ги дигитализираат деловните активности, им помагаме да генерираат приходи и да ги задржат своите работници. Тоа ја гради отпорноста на Северна Македонија кон негативните влијанија од КОВИД-19 и придонесува за зајакнување на економската одржливост на земјата, изјави Ерик Јановски, претставник на Канцеларијата на УСАИД во Република С. Македонија.
Од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија потенцираат дека со овој повик се вклучуваат во напорите за подигнување на свеста и зголемување на понудата за е-трговијата во нашата земја.
Како два клучни проблема, кои беа мапирани и потврдени од двете годишни анализи за раст и развој на е-трговијата, се покажаа недоволната едукација и недоволната понуда во областа е-трговија. На едукација работиме веќе трета година и ќе продолжиме да работиме уште повеќе бидејќи тој пат е навистина долг и има уште многу работа. Преку оваа иницијатива дополнително ќе ги мотивираме компаниите да дигитализираат дел од своите услуги и да отворат нов или дополнителен продажен канал – e-продавница, кој ќе им овозможи да ја зголемат својата продажба и дигитално присуство, истовремено зголемувајќи ја понудата во е-трговијата во Македонија, наведуваат од АЕТМ.
Comments are closed for this post.