1. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва побара од општинските комитет да ги исклучат од партијата екс директорот на УБК, Сашо Мијалков и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.

Заради силна соработка со Зоран Заев и организирање на група за притисоци, закани и поткуп на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да гласаат за уставните амандмани го разреши Митко Јанчев, на тајно гласање и тоа едногласно.  Разрешен е и Константин Богданов, а заради истите причини ги задолживме општинските комитети да поведат дисциплинска постапка и да ги исклучат од членство Сашо Мијалков и Никола Тодоров заради истите причини, изјави вечерва по состанокот на партиското тело, потпретседателот на партијата, Александар Николовски.

Тој вели дека не станува збор за исклучување на неистомисленици од партијата, туку за група која им се заканувала на претниците дека вечно ќе останат во затвор и им нудела пари.

 

Централниот комитет ги повикува,  и осумте пратеници кои дадоа подршка за промена на Уставот да поднесат оставки од пратеничките функции.

Осумте пратеници кои добија пратенички мандат како кандидати од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата да дадат оставка и да го вратат мандатот, потенцираше Николовски.

Вечерва ЦК на ВМРО-ДПМНЕ како што информираше Николовски дискутирал и за одржување на вонреден конгрес.

На иницијатива на лидерот Христијан Мицкоски,  Централниот комитет го  разгледа предлогот за одржување на вонреден конгрес со цел гласање доверба на претседателот на партијата, едногласно е одбиен овој предлог и нема потреба да се одржи вонреден конгрес,  претседателот ја има целокупната поддршка за водење на партијата, рече Николовски.

Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ има силен механизам да ја исчисти партијата.

Од денес ништо повеќе нема да е исто, ВМРО-ДПМНЕ завршува со хипотеките од минатото и доживува катарза. ВМРО ДПМНЕ има силен механизам во рамки на партијата кој секогаш успева да го прочисти од партијата она што е лошо и да се врати на корените и идеалите на ВМРО. По длабока анализа направено е  внатрешно прочистување од оние кои се огрешиле во однос на ВМРО ДПМНЕ но и на Македонија, посочи Николовски.

Тој го повика  обвинителството по допрен глас да ги истражи наводите за притисоци, закани, уцени и поткуп на пратеници.

Сакаме да ја честитаме новата криминална коалиција Зоран Заев, Вице Заев и Сашо Мијалков, истакна Николовски во изјавата за медиумите по состанокот на ЦК.