Висок турски претставник на власта изјави за Си-ен-ен дека еден од 15-те членови на на групата коа се сомничи за вмешаност во убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги (59) ја ставил на себе облеката на новинарот и таков е снимен како на денот на убиството на Кашоги се шета по Истанбул.

Си-ен-ен ги има снимките од полициските безбедносни камери кои покажуваат како тој маж е облечен во алиштата на Кашоги, има лажна брада и очила и на задниот излез ја напушта зградата на саудискиот конзулат во Истанбул.

Според сознанијата на турската истрага, истиот маж, преоблечен во алиштата на Кашоги, е виден кај Сината џамија само неколку часа откако Кашоги е последен пат виден жив.

Турски претставници наведуваат дека станува збор за ал-Мадани кој има слична градба и личи на Кашоги и оти тој бил испратен во Истанбул да игра дублер за новинарот. Покрај ова, турските власти истакнуваат дека нивната оценка после инцидентот останува непроменета, односно дека убиството на Кашоги било планирано и оти неговото тело потоа било однесено од конзулатот.

„Облеката на Кашоги најверојатно уште била топла кога ал-Мадани ја облекол“, изјавил висок турски претставник.