Дозволете во мое име и во име на ВМРО-ДПМНЕ да го честитам 9ти мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, стои во честитката упатена од Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

9 мај го означува пресвртниот момент во кој е дефиниран идниот изглед на Европа. Да не заборавиме дека партизаните, како наследници на илинденската епопеја и комитите се изборија за слободата која е скапо платена. Европа е вредности, но и ова е ден кога треба да се празнува слободата и солидарноста. Европа постои како триумф над режимите, угнетувањето, газењето на правата на луѓето, стои во честитката и се додава:

„А Фридом Хаус вели во Македонија владее три години по ред хибриден режим, тоа значи недостаток на слобода, многу корупција и криминал. Земја во која главните од власта рекетираат, а оние кои треба да судат, ослободуваат под притисок на власта. Во овие три години на премрежја, отстапки, болни решенија и договори сеуште сме далеку од посакуваната цел за европската иднина. Дополнето со нови условувања, пречки, барања за отстапки. Неспособната власт во земјава и отсуството на лидерство значи за народот и нашата Македонија тапкање во место. Победата на европските вредности ќе значи победа над оние од власта кои не влечат во мочуриштето во кои тие опстојуваат и сакаат да се идентификуваат. Тоа е нивната претстава за животот, но не и на народот, кој оправдано сака подобар живот и обнова на пустошот кој го оставија за сите нас.“

-Обновата ќе победи, и тогаш ќе победат европските вредности. Европа ќе ја донесеме пред се затоа што нашиот народ тоа го заслужува, а тоа значи пред се европеизација внатре, стандарди и вредности . Визијата за иднината каква ја заслужуваме. Дозволете ми уште еднаш да ви го честитам Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, се потенцира во честитката на Мицкоски по повод Денот на Европа.