Здравјето на граѓаните и обезбедувањето економска егзистенција за нив, мораат да бидат поважни од личното богатење и расипништвото на функционерите на СДСМ.Во периодот кога Република Македонија се соочува со здравствена и економска криза, СДСМ е посветен на остварување на лични интереси и трошење на буџетски пари, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Според партијата, во периодот од 17-20 март Радмила Шеќеринска преку Министерството за одбрана потрошила над 1 милион денари на патувања. Исто така, во периодот од овие четири дена министерството со кое раководи Радмила Шеќеринска потрошило над 360 илјади денари на ручеци и гозби.
Додека здравствените работници се соочуваат со огромни недостатоци на медицински препарати кои се потребни за секојдневно функционирање во битката со коронавирусот како респиратори, маски и ракавици, а Зоран Заев сака да ги скрати платите на работниците кои едвај го поминуваат месецот, Шеќеринска средствата кои што се од огромно значење во овие моменти ги троши на скапи ручеци.
Владата на Република Македонија предводена од СДСМ цели три години го лаже народот дека државата блеска и дека се е во најдобар ред, а по само три седмици од појавувањето на коронавирусот, македонската економија доживеа колапс.
Предлог мерките на Зоран Заев и СДСМ за „урамниловка“ на платите е погубна за економијата и за работниците кои во ниеден случај не смеат да бидат жртва на катастрофалните политики. Обичните граѓани кои работат во администрацијата не смеат финансиски да се споредуваат со оние политичари и моќници кои месечно заработуваат по неколку просечни македонски плати.
Изминатата година во март месец потрошувачката кошничка била проценета на околу 32 илјади денари што е скоро двојно повеќе од онаа сума која Зоран Заев ја предлага како приход за администрацијата. Доколку оваа мерка стапи на сила од наредниот месец многу семејства ќе бидат осудени на глад бидејќи нема да можат да го поминат месецот.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ предлага сет на мерки кои со сигурност ќе придонесат за стабилизирање на економијата без притоа работниците тоа да го почувствуваат на својот грб.
- Државата да покрие до 50% од бруто трошоците за вработените, по основ на нето плати и придонеси, а не само нето плати како што предлага СДСМ,
- Целосно да се замрзнат плаќањата на рати по основ на отплата на главнина и камати на граѓаните и бизнисот кон банките и заемодавателите,
- Владата да се откаже од непродуктивните трошоци од буџетот и безусловна и интензивна реализација на капиталните инвестиции,
- Владата да го покрие транспортниот сектор со укинување на плаќањето на патарина и царински давачки, како и да донесе одлука за укинување на сите давачки – царински и даночни за набавка на здравствени маски, медицински препарати и уреди потребни за справување со корона вирусот,
- Аконтацијата на данокот на добивка за месеците април, мај и јуни да биде одложена, но истото ова треба да се примени и за ДДВ за месец март кој се плаќа до крајот на месец април за дејностите погодени од кризата,
- Итно и целосно прекинување на непродуктивните трошоци за времени вработувања,
- Да не се прави „урамниловка“ помеѓу платите на функционерите со платите на работниците во администрација и
- Веднаш да се обезбедат 1 милијарда евра за да нема негативни последиците врз компаниите и стандардот на граѓаните, од кој 600 милиони преку средства од Светска банка, ММФ и странски банки, и 400 милиони евра преку државни хартии од вредност кои ќе ги издаде Министерството за финансии, со претварање на пасивниот капитал во актива.
Министрите, политичарите и работниците од администрацијата не можат да бидат израмнети по однос на финансиите, односно месечните приходи. Поради тоа Владата на Република Македонија треба трезвено да размислува и да донесува стабилни одлуки кога тоа е најпотребно.
Comments are closed for this post.