Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на денешната прес-конференција, во неколку наврати избегна конкретен одговор на новинарско прашање дали би поднел оставка на партиската функција во случај да ги изгуби изборите. Неговиот одговор беше дека нема шанси коалицијата на СДСМ да доживее пораз на претстојните избори.
„Не ни помислувам да ги изгубам изборите. Нема потреба од оставка. Сепак, народот ќе си го каже своето. Граѓаните ја носат конечната одлука. Но, водиме на сите анкети, трендот е позитивен, граѓаните ги препознаваат промените што ги направивме, така што не постои одговор на вашето прашање“, одговараше Заев.
Заев е на чело на СДСМ од 2013 година, така што пред изборните циклуси што се одржуваа во последните седум години, во неколку наврати, најавуваше оставка ако ги изгуби изборите. Пред да биде избран за премиер во 2017 година, сегашната опозиција му бараше оставка на Заев затоа што СДСМ освои два мандати помалку од ВМРО-ДПМНЕ на гласањето на 11 декември 2016 година. Притоа, опозицијата се повикуваше на изјава на Заев дека ако СДСМ ги изгуби изборите тој во истиот момент ќе си поднесе оставка и ќе се врати дома. Лидерот на СДСМ најавуваше оставка и ако не успее референдумот за името, кој потоа беше распишан како консултативен, така што неговите резултати не се сметаа за обврзувачки.
Comments are closed for this post.