Дали случајот „Рекет“ не смее да има ништо заедничко со политиката и се претвора ли целиот случај во обична фарса? Овие две прашања се наметнуваат по денешното рочиште на кое одбрана на првообвинетиот Бојан Јовановски алијас Боки 13 се откажа од најавените сведоци, поранешниот градоначалник Владимир Тодоровиќ, сопругот на пратеничката Фросина Ременски, Јовче Ременски, и еден од сопствениците на „Пелистерка“, Дејан Панделевски. Така, „Пандорината кутија“ на Боки се замандали уште пред да биде отворена.

Одбраната во судницата не даде образложение, но ваквиот чекор до некаде и се очекуваше, со оглед на фактот што претходните две рочишта беа откажувани, поради отсуство на најавени сведоци. А, при последниот ТВ настап пратеничката Ременски изјави дека веста за најавата за сведочењето на нејзиниот сопруг не е точна и оти таа не е проверена.

На денешното рочиште сведочеа Марија Јанковска, сопственичка на оптика во „Сити мол“, Александар Кртев, сопственик на галерија, и стилистот Сергеј Варошлија. И тројцата потврдија дека со Бојан ги врзува долгогодишно пријателство и соработка во нивните професионални ангажмани. Јанковска и Варошлија беа децидни во своите искази-Бојан Јовановски беше познат кај менаџерите на светски познатите модни брендови и не само што купуваше, туку и добиваше на подарок „парчиња“ за нивна помоција на Балканот.

-Јовановски ми помогнал во бизнисот, сум имала фитбек од тоа, го следеле луѓе. Заедно сме патувале во Грција, Италија, Франција, сум му правела друштво, а тој имаше контакти со менаџери од светскиот моден свет, на пример од брендовите „Валентино“, „Версаче“. На три-четири пати сум била сведок и сум видела како му подаруваат некои работи, изјави Јанковска.

На прашање на одбраната дали и е познато името на ресортот Данаи, Јанковска потврдно одговори.

-Бојан не е  многу галантна личност, се сум си платила сама, нагласи таа.

Варошлија го претстави децениското познанство и соработка со Боки и тука, во Скопје, и во Белград. Спомена за седенките и разговорите во Дебар маало во куќата на бабата на Боки, Евгенија, која, според него, му оставила многу материјални добра за да му обезбеди успешен живот. А, на прашањето дали се сеќава на 15 јули 2019 година, тој одговори:

-За жал, многу обро се сеќавам на тој датум заради се што се случи. Јас, Анета Кочишки, Лила Филиповска се најдовме кај него дома, а Боки беше на некој преглед и задоцни малку. Требаше да одиме на одмор на Миконос со авион. По пат застанавме на неколку бензински пумпи, а кога дојдовме на граничниот премин на Бојан му рекоа да излезе од возилото. Потоа ни рекоа дека ние сме слободни, а тој мора да остане. Извршија претрес на возилото. Одзедоа се што имаше внатре, па и некои мои предмети, чевли и ташни, изгледа мислеа дека се што е брендирано е на Боки, изјави Варошлија.

Како детал може да се издвои делот за рекламирањето на „Пелистерка“.

-„Пелистерка“ ми беше спонзор на емисијата, требаше да ја промовираме водата. И толку вода тогаш сум се изнапил, како камила, да ми прости судот, рече Варошлија.

На прашање на обвинителката Рускоска дали знае дека како докази има фискални сметки од шопинзите на Јовановски, по реакцијата на одбраната за формата на прашањето, Варошлија сепак одговори.

-Не може да ми е познато, јас не негирам дека купувал, но не и дека му биле подарувани „парчиња“ гардероба.

Сопственикот на галерија Кртев во својот исказ потенцираше дека на Јовановски на реверс му дал пет слики од Личеновски, две од Мартиновски и една од Коџоман. Идејата била на 1ТВ да биде организирана аукција или во домот на Боки да се јави купувач, но од тоа ништо не било реализирано.