Поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски оценува дека Македонија
направи горчлив и тежок компомис, но по тоа следуваше „горчлив шок“.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Црвенковски учествуваше на специјалниот
настан „Визија на Западен Балкан до 2030 година“, на „Копаоник бизнис форумот“ на кој
се дискутираше и за иницијативата „Мал Шенген“.

„Оваа иницијатива треба да создаде една структура како дел од европските интеграции.
Без оглед на тоа што мислиме, да сме лидери на регионот, ние мора да разбереме, од
гледна точка на Брисел, Берлин, Париз, дека при градење на долгорочна стратегија, таа
се прави за Западен Балкан, а не за одделни земји“, кажа Црвенковски.

Тој потсети дека 10 години пред потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018
година, ЕУ ѝ давала препораки на Македонија, дека земјата не може да ги започне
преговорите со ЕУ сè додека не се реши спорот со Грција.
„Тогаш беше направен горчлив и тежок компромис и кога тоа се случи, настана горчлив
шок“, изјави Црвенковски.

Тој оцени дека ова предизвика големо разочарување кај граѓаните, што го поткопа
кредибилитетот на властите и е причината што наскоро ќе се одржат предвремени
избори.

Се покажа дека ЕУ не држи до својот збор и не ги исполнува своите ветувања“, истакна
тој, додавајќи дека тоа испраќа лош сигнал за решавање на други отворени и тешки
прашања како што е односот меѓу Белград и Приштина, но и структурата на власта во
БиХ.
Посочи дека сега се говори дека ЕУ е нефункционална во донесувањето одлуки и дека
проширувањето сето ова само би го искомплицирало.
„Без оглед на ставот на ЕУ, што ќе одлучи, дали местото на Западен Балкан е во ЕУ, ние
мора да продолжиме со реформите и да го продолжиме европскиот курс за доброто на
граѓаните и нивната иднина“, оцени Црвенковски, како што пренесе МИА.