Судскиот процес за случајот „Монструм” продолжува на 3 февруари, а на денешното рочиште за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, од страна на обвинителите како дополнителен сведок, меѓу останатите, беше предложен и лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Родителите на жртвите досега неколкупати апелираа до судијата Огнен Ставрев Заев да се најде на листата сведоци, за конечно да се соочат со него и со неговите лаги.
Таткото на Александар, Горан Наќевски, летото побара од Ставрев стражарно да го приведе тогашниот премиер, затоа што како политички противник на ДУИ им изнел конкретни докази за вмешаност на функционери од ДУИ во свирепото убиство. Таткото, го обвини Заев дека откако е склучена коалицијата со ДУИ тој манипулира со доказите кои што можат да доведат до вистината за „Монструм“.
Кога бевме кај Заев рече дека ќе ни даде 6 разговори државна тајна за 6 функционери на ДУИ. Но, подоцна тие станаа 5. ДУИ тогаш беше нивни противник. Заев ни ги покажа транскриптите, ни го посочи Невзат Бејта и ни покажа транскрипт од разговор меѓу Невзат Бејта и обвинетиот Фејзи Азири. Не го исполни ветувањето, од политички причини не ни ги даде тие 5 државни тајни, рече Наќевски.
Тој продолжи, во име на сите родители:
Бараме претрес да се изврши во седиштето на СДСМ. Тврдам дека тие транскрипти се таму. Бараме да не соочите со премиерот Заев, дека не лажеме и не измислуваме. Стражарно приведете го, ќе го почекаме!
Во едно од ретките интервјуа, Наќевски за „Алфа“ вели и дека токму поради овој политички пазар, Заев е поголем монструм и од убијците.
2015 друго ни ветуваше, сега друго прави. Револтирани сме и од Катица Јанева ни ветуваше дека прв случај ќе биде, ама молк и од таму како што гледате. Мислиме дека и таа е политички пазарена со СДСМ и ДУИ, рече Наќевски во октомври 2017.
Случајот „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење. Кон крајот на минатата година предметот повторно го презема Основното јавно обвинителство.
Comments are closed for this post.