Со вкупно 17 ракометари во експедицијата, бројни проблеми околу повредите но со мотивација и желба, ракометарите на Вардар денес отпатуваа за Брест, Белорусија каде во сабота ќе го играат натпреварот од 9. коло од Б групата во Лигата на шампионите.
За останување во игра за што повисок пласман на „црвено-црните” им требаат бодови од ова гостување.
– Единствено Сергеј Горбок остана во Скопје поради повреда. Од младите со екипата заминаа Кизиќ, Карапалевски и Кукуловски. Поради повреда претходната недела со намален интензитет тренираа неколкумина ракометари. Сите ќе бидат во составот на тимот, а кои ќе играат и колку време ќе можат да бидат на паркетот ќе зависи од тоа колку ќе можат да го издржат напорот што го бара натпреварот, информираат од таборот на европскиот шампион.
Вардар е на 5. место на табелата во Б групата со 9 бода, а разликата со второпласираниот Монпеље е само два бода.
По вчерашното реми на Мотор Запоржје во Германија кај Кил, сега ситуацијата е уште покомплицирана и сите повеќе екипи сериозно се во игра за првото место.
Во меѓусебните дуели на Вардар и Мешков во лигата на шампионите, македонскиот и европски првак има три победи на пет натпревари. Во првиот меѓусебен дуел сезонава во ЛШ победи Вардар со 36:31.
Средбата меѓу Мешков и Вардар е закажана за в сабота во 17:30 часот. зс/
Comments are closed for this post.