Вработените во образованието денеска, според најавите, треба да знаат кога ќе го добијат новото покачување на платите, за кое Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) инсистира да почне од 1 јануари, а не од април 2020 како што им понуди Владата.
Во 11.30 часот денеска во просториите на Министерството за образование и наука е закажана средба на министерот Арбер Адеми со претставници на СОНК. Адеми и претседателот на Синдикатот Јаким Неделков вчера најавија дека денеска може да се очекува конечната одлука, а СОНК одлучи и штрајкот најавен за понеделник (11 ноември) да го стави во мирување додека не се усогласат околу терминот за исплата на повисоки плати.
Најверојатно, покачувањето ќе остане на предложените 10 проценти, иако СОНК на почетокот бараше тоа да биде пропорционално со процентот на зголемувањето на минималната плата.
Адеми вчера изјави дека уште во текот на денот ќе има јасна слика за можностите и, како што рече, „до каде можеме и што можеме во врска со покачувањето на платите на просветните работници“.
Министерот го посети СОНК додека заседаваше неговиот Совет околу одржувањето на штрајкот и по средбата изјави дека сè уште не утврдиле финален став за, како што рече, „поместувањето на моментот“ на кој ќе се базира идното, трето покачување на платите.
Се прават напори за обезбедување на потребните средства. Ова не се празни фрази, туку силна заложба да се најде заедничко прифатливо решение, нагласи министерот за образование и наука и посочи дека сега се разгледува опцијата наместо од април, да се обезбедат средства за зголемувањето на платите од јануари, како што бара СОНК.
За денеска ги повикал претставниците на СОНК на „последна рунда преговори“ во просториите на МОН за да разговараат за ставовите.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков претходно соопшти дека штрајкот на просветните работници е ставен во мирување до конечната понуда од Министерството за образование и наука, образложувајќи дека мирувањето е врз основа на анализите дека за зголемување на платите на МОН му се потребни уште неколку дена.
И премиерот Зоран Заев на новинарско прашање вчера одговори дека одлуката за зголемување на платите на просветните работници денеска ќе ја соопшти министерот Адеми.
– Министерот за образование и наука преговара со министерката за финансии. Тука се на припомош и другите ресори коишто прават свои отстапки, затоа што буџетот е толку. Сите солидарно гледаме да ги задоволиме приоритетите. Секако одлуката треба да биде соопштена утре, посочи Заев вчера.
Ланскиот и овој септември наставниците добија повисоки плати за по 5 проценти, но СОНК побара платите да бидат зголемени до 25 отсто односно за онолку проценти колку што пораснала минималната плата. На првиот училиштен ден од учебната 2019/2020 Синдикатот организираше еднодневен предупредувачки штрајк со најава дека тој ќе биде активиран доколку за еден месец не биде постигнат договор.
По одржани неколку средби, најава дека има напредок во преговорите и поместување на позициите, но не и конечен договор, Адеми и Неделков соопштија минатиот петок по состанокот во Владата, искажувајќи оптимизам дека наскоро ќе има заемно прифатлива одлуka
Comments are closed for this post.