Новиот состав на Европската Комисија, што требаше да стапи на функција од 1 ноември, сè уште не е комплетиран бидејќи недостасуваат уште еврокомесари.
Комисијата на Жан Клод Јункер продолжува со работа, но како техничка извршна власт.
-Претседателот Јункер ја информираше целата Комисија на 25 октомври за тоа што значи тековна работа. Комисијата на Јункер ќе остане на функција додека не настапи Комисијата на Фон дер Лајен, ова е во согласност со принципот на обезбедување континуитет на јавната служба, изјави портпаролката на ЕК, Мина Андреева.
Конкретно, тоа значи дека надлежностите на Европската Комисија се ограничени на тековните прашања, секојдневна административна работа “без прејудицирање на политичкиот избор на претстојната Комисија“, објасни Андреева.
-Тоа значи прашања кои не бараат нова иницијатива или носење на политички чувствителни одлуки, продолжување на улогата на чувар на повелбите, што, меѓудругото, покрива и прекршочни процедури, итни досиеја, и надворешна и интеринституционална застапеност на Европската Комисија, посочи портпаролката на редовниот брифинг за новинари во Брисел денеска.
Претседателката Фон дер Лајен од своја страна се уште чека номинација на кандидат за комесар од Романија и инсистира Обединетото Кралство да испрати свој кандидат, поради одлагањето на Брегзитот. За сега Лондон одбива, но од ЕУ потсетуваат дека ова е еден условите под кои е прифатено одлагањето на Брегзитот.
Според најоптимистичкото сценарио, новиот состав на ЕК би можел да стапи на функција на први декември, но многумина во Брисел се сомневаат дека ова е изводливо.
Новите кандидати за комесари од Унгарија, Франција, Романија, и евентуално Велика Британија, треба допрва да бидат сослушани од релевантните парламентарни комисии. Потоа, Европскиот Парламент ќе треба да гласа за севкупниот состав на ЕК, идеално околу 25 ноември
Comments are closed for this post.