Тие мислат дека можат ем да влезат во ЕУ, ем да зачуваат својата антибугарска суштина и реторика. Тоа нема да се случи, изјави во утринската емисија на БТВ бугарскиот министер за одбрана и лидер на ВМРО, Красимир Каракачанов во однос на поддршката од страна на Бугарија на членството на Македонија во ЕУ.

Тој потенцира дека неговото трпение во однос на Македонија е одамна исцрпено.

Добро ги познавам сите македонски политичари, со некои од нив сум пиел и ракија на маса. Македонските политичари на маса се добри Бугари, но јавно започнуваат да објаснуваат дека е многу сложено, изјави лидерот на ВМРО.

Каракачанов подготвил две варијанти за позицијата на Бугарија во однос на Македонија, што ќе ги претстави на следната седница на Владата.

Се разбира, Владата е таа што ќе донесе одлука, изјави Каракачанов.