Управниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд ја одобри Кристалина Георгиева за извршен директор на таа институција, откако на сослушувањето таа ги убеди дека е соодветна за позицијата.
Извршниот одбор на ММФ ја избра за следен Управен директор на ММФ – 12-ти по ред откако Фондот е создаден во 1944 година – за петгодишен мандат со почеток на 1 октомври.
– Огромна е одговорноста да се биде на чело на ММФ во време кога глобалниот економски раст продолжува да биде фрустрирачки, трговските тензии продолжуваат и долговите се на историски високо ниво. Наш непосреден приоритет е да им помогнеме на земјите да го минимизираат ризикот од кризи и да бидат подготвени да се справат со кризите. Притоа, не смееме да заборавиме на нашата долгорочна цел – поддршка на стабилни монетарни, фискални и структурни политики за градење посилни економии и подобрување на животот на луѓето. Тоа исто така значи и решавање на прашања како што се нееднаквост, климатски ризици и брза технолошка промена, изјави Георгиева.
Бугарката Георгиева (65) досега беше извршна директорка на Светска банка, а на чело на ММФ доаѓа на местото на Кристин Лагард, која поднесе оставка во јули откако лидерите на ЕУ ја избраа за претседател на Европската централна банка.
Comments are closed for this post.