Во дуелот на двата дебитанта што предизвикаа најголем интерес пред новата сезона во НБА лигата, првиот пик, Деандре Ејтон од Бахамите беше поуспешен од Словенецот Лука Дончиќ и им помогна на Феникс санс да слават против Далас маверикс 121:100.
Уште во првата четвртина се покажа дека центарот на Феникс ќе има подобро деби од Дончиќ. Ејтон ја заврши четвртината со перфектен шут од угра три од три, а ги погоди и двете слободни фрлања што ги изведе. Ејтон мечот го заврши со дабл-дабл учинок од 18 поени и 10 скокови.
И Дончиќ одлично го почна натпреварот, па првата четвртина ја заврши со шут од игра три од четири, но исто така заработи и две лични грешки, поради што мораше рано да седне на клупата.
Најефикасен на средбата беше ѕвездата на домашните санси, Девин Букер, кој експлодира во финишот од средбата, што ја заврши 35 поени, на кои додаде седум асистенции и четири скокови.
„Пеликаните“ летнаа повисоко од „ракетите“
Големо изненадување приредија Њу Орлеанс пеликанс, коишто славеа на гости кај ланскиот финалист во Западната конференција, Хјустон рокетс со 131:112. Како што е вообичаено, најдобар меѓу „пеликаните“ беше Ентони Дејвис кој дуелот го заврши со 32 поени, 16 скокови, осум асистенции и по три блокади и украдени топки. Голема помош тој имаше од Елфрид Пејтон, кој оствари трипл-дабл учинок од по 10 поени, скокови и асистенции, додека Никола Миротиќ постигна 30 поени и 10 скокови.
Најкорисниот кошаркар за минатата сезона, Џејмс Харден, за еден скок не стигна до трипл-дабли, па средбата ја заврши со 18 поени, девет скока и 10 асистенции, што не беше доволно за Хјустон да ја почне оваа сезона со победа.
Милвоки во „фото-финиш“ до триумф
Најдраматично беше во Шарлот, каде што домашните хорнетс загубија со еден поен разлика од Милвоки бакс. „Стршлените“ го имаа последниот напад за победа, но прво Кемба Вокер не успеа од положување да ја смести тоопката во кошот, а по офанзивниот скок Николас Батум имаше отворен шут за три, но не го погоди ниту обрачот.
Во останатите средби беа постигнати следните резултати:
Детроит пистонс – Бруклин нетс 103:100
Индијана пејсерс – Мемфис гризлис 111:83
Орландо меџик – Мајами хит 104:101
Њурок никс – Атланта хоукс 126:107
Торонто репторс – Кливленд кавалирс 116:104
Сан Антонио спарс – Минесота тимбервулфс 112:108
Сакраменто кингс – Јута џез 117:123
ЛА Клиперс – Денвер нагетс 98:107
Comments are closed for this post.