Свињите од дивите фарми мора да се уништат како дел од превентивните мерки, за да се спречи појавата на африканската чума во земјава, порача денес министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.

На почетокот оди тешко, но мора да се разговара со одгледувачите и да им се посочи дека последиците од појава на болеста можат да бидат многу тешки, изјави Димковски.

Тој истакна дека одгледувачите на свињи и граѓаните нема да бидат оштетени и државата на одгледувачите им нуди, како што вели, фер цена за откуп.

За расна маторица ќе се исплаќаат 24.000 денари, за мелези 16.000, додека за расна маторица со неодбиени прасиња 30.000 денари, а за мелези со неодбиени прасиња 22.000 денари. За прасиња тешки 10-25 килограми ќе се даваат 170 денари по килограм, а за прасиња од 25-80 килограми 120 денари по килограм, рече Димковски.

Димковски денеска беше во посета и на Општина Штип, каде што имаше средба со градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.

Нашите инспекциски служби ги презедоа сите активности во насока на отстранување на дивите фарми за свињи, особено во близина на депонијата. Во овој момент таму нема движење и присуство на свињи. Состојбата ја следиме будно и реагираме во секој момент, вели Бочварски.

Ветеринарниот лекар, Крсте Митев, вели дека африканската чума е серизоно заразно заболување кое се јавува кај свињите и за кратко време може да уништи цели фарми.

Проценките се дека на ниво на државата во кланица треба да завршат околу 20.000 свињи од нерегистрирани фарми.  Од нив, најмалку 2.500 се во источниот дел на државата.